Со еден приведен утрово продолжи уривањето на плажата „Немо“ или Горица три во Охрид откако Владата донесе Уредба плажите да се вратат во првобитна состојба поради истечените концесии.
Очевидци велат дека утрово еден од сопствениците на плажата се заканувал на полицијата и работниците кои ги демонтирале шанкот и урбаната опрема на плажата.
Охридската полиција потврди дека едно лице е приведено.
„ На 17.06.2020 година во 09,30 часот, во СВР Охрид, поради нарушен јавен ред и мир на плажа во комплексот ’Инекс’, приведен е В.М. (41) од Охрид. Против него, ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од охридската полиција.
Општина Охрид извести дека се отстрануваат грабите кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. Предвидено е уривање на шанкови, потпорни ѕидови, платформи, натстрешници и сета урбана опрема.
Владата на 63 седница ја дополни Уредбата за примена на законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, а предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.
Контрола на теренот нема да прават општинските инспектори туку инспектори од Пазарниот инспекторат и од Управат за јавни приходи.
Дел од концесионерите на плажите во Охрид најавија дека ќе ја почитуваат Уредбата без разлика на огромните трошоци што ќе ги претрпат, но предупредија дека градот останува без понуда за туристите, многумина вработени остануваат без работа, а држава без даноците и придонесите за кои велат дека уредно ги плаќале.