Првичните мерки на Владата како одговор на најголемата економска криза која на глобално ниво сè повеќе зема замав укажуваат дека нашата земја нема да биде исклучок од предвидувањата дека поради несоодветните реакции на државите – половина милијарда луѓе во светот ќе паднат во сиромаштија, се оценува во соопштение до јавноста потпишано од група синдикални организации и здруженија кои бараат од Владата да ги заштити работниците и сиромашните.
На соопштението се потпишани од Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ). Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“ и Левичарското движење „Солидарност“.
Според нивната оценка, единствен начин ова да се спречи се решителни и храбри мерки за заштита на работниците и сиромашните, мерки што, наведуваат, за жал, ниту ги видовме ниту со нешто се навестуваат, а Владата настапува единствено на страната на бизнис заедницата и ги слуша само нивните сугестии.
– Во Економскиот совет на Владата која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска, нема ниту еден претставник на синдикатите, ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори и на други големи компании. Затоа и мерките кои беа донесени се мерки за заштита на бизнис заедницата без скоро никаква заштита на работниците, се наведува во соопштението.
Синдикатите бараат: право на паричен надомест за невработени лица во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Според нив, многу работници изминативе недели биле измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници. Бараат да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата.
Меѓу барањата се и да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, односно, од почетокот на март, а кои сега, посочуваат, повторно можат да добијат државна помош, и покрај отпуштањата. Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20 проценти за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор, и не под нивото на минималната плата, да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално ниту здравствено осигурување, да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
Од Владата се бара и да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците кои работат и во ова време, и без кои државава би крахирала во кризава (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл.), одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19. Се бара и државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби за време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл.
-Бараме, исто така, државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели…Како претставници на 700-те илјади работници во оваа држава, крајно време е Владата да почне да не слуша и консултира при носењето одлуки, порачуваат Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ). Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“ и Левичарското движење „Солидарност“.