Банките заедно со Народната банка работат на изготвување решение кое ќе придонесе за олеснување на финансискиот товар на компаниите и населението. Предлози од банките се испратени до централната банка и многу брзо се очекува конечното решение од Народната банка.
Во моментов речиси сите работат 24/7. Предлог иницијативата беше испратена до сите банки да ја разгледаат. Сите банки имаат различни портфолија, некои имаат повеќе компании, некои повеќе население и да видат што од тоа може да се примени, како ќе се примени и врз основа на комуникацијата со реалниот сектор проблемите што ги слушаме ние можеме да предложиме кон централната банка во смисла на оваа одлука да се интервенира и да се направи така што да биде прифатлива и за централната банка и за нас и да им излеземе во пресрет на компаниите и населението, изјави денеска претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова Штериева.
Како што додаде материјалите од банките се испратени вчера во втората половина од денот до Народната банка и се очекува тие да ја пуштат одлуката, но според Стевкова-Штериева, тоа би требало да биде брзо решение.
-Очекувам дека тоа ќе биде многу брзо како решение од централната банка, рече таа и додаде дека ќе настојуваат да излезат во пресрет на команиите, но и секако да ги заштитат банките кои се субјекти кои што од депозитното работење одобруваат кредити.
Ова, како што посочи е исклучително сложена проблематика за која мора умешно да се најде баланс меѓу потребите на реалниот сектор, што ќе бидат големи и обезбедување сигурност и стабилност на банкарскиот систем во целина. Стевкова Штериева додаде дека не може да се прави паралела со мерките што се преземени во другите земји бидејќи секоја земја и секој банкарски систем има свои специфики.
Посочи дека банките се многу силни, ликвидноста е на историски највисоко ниво откога било досега и дека парите на граѓаните се безбедни и увери дека сите се на иста страна и дека банките имаат голем интерес да го задржат квалитетот на одобрените кредити, без притоа да се загрози стабилноста.
-Заради заштита на вашето здравје апелираме до населението да не се подигнува повеќе готовина од потребната за покривање на вашите потеби. Вашите пари се безбедни, а банките и штедилниците работат. Подигнувањето готовина ве изложува на зголемен ризик од повеќе аспекти: интензивни контакти со други луѓе, потенцијално губење или кражба на вашите пари. Особено апелираме да се воздржиме од подигање готовина во девизи, бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза со вирус, а истите не се платежно средства во нашата земја и не се неопходни за секојдневните потреби, порача претседателката на Македонската банкарска асоцијација, која говореше во име на сите банки.
Потсети дека како систем сме поминале криза и во 2001 година и косовската кога имало повелкување девизи, кога во тие околности можеби биле потребни за некој да оди надвор од земјата, но, посочи, дека сега сме затворени, тука плаќаме со денари и дека дури и за денарите е најдобро да најдеме начин што помалку да ги допираме.