Стотина патници кои попладневно долетаа од Белгија веќе со часови се на скопскиот аеродром, откако неколкумина се пожалиле дека имаат симптоми на коронавирус. Дел од нив сведочат дека нервозата е се поголема, бидејќи се уште немаат информации дали ќе бидат пуштени дома, во самоизолација или пак ќе бидат во капацитетите на Криволак, во карантин.
Кај неколку од нив земени се брисови и се чекаат резултатите за да се види дали се позитивни на коронавирусот.
Од резултатите ќе зависат и понатамошните мерки на надлежните.
Од Меѓународниот аеродром преку писмено соопштение велат дека по налог на Министерството за здравство поголем број патници вечерва се задржани во изолиран дел на аеродромот. По објавените информации на социјалните мрежи дека на аеродромот немало сапун во тоалетите, од ТАВ велат дека во еден момент сапунот се потрошил, но веднаш потоа беше дополнет на страна на вработените.
„Во овие кризни времиња, ТАВ Македонија, како аеродромски оператор ги вложува сите ресурси со цел да обезбеди највисоко ниво на услугите, а хигиената е врвниот приоритет во услови на светска пандемија предизвикана од коронавирусот. Ги дезинфицираме површините на аеродромот три пати на ден, а покрај тоа тоалетите постојано се чистат и сапунот постојано се дополнува, согласно зголемените потреби. Дополнително, за патниците имаме поставено и диспанзери со средство за дезинфекција на рацете. Ја разбираме чувствителноста на темата и токму поради тоа правиме сè што е во наша надлежност со цел патниците да се чувствуваат безбедно“, велат од ТАВ Македонија.
Вечерва на полноќ се затвора скопскиот Меѓународен аеродром.