Центарот на белгиската престолнина денеска беше сцена на насилни судири. Група демонстранти се судри со полицијата за време на големиот протестен марш на синдикатите и студентите, организиран во рамките на генералниот штрајк против мерките за штедење што ги планира белгиската влада.
Според агенцијата Ројтерс, неколку десетици маскирани лица облечени во црно фрлаа камења и други предмети кон полицијата. По улиците одекнуваа пароли против полицијата, а околните ѕидови беа испишани со графити со иста содржина. Пожарникарите гаснеа неколку пожари, меѓу кои и пожари на автобуси, додека полицијата одговори со солзавец.
Според полициското соопштение, самиот марш, на кој се приклучија околу 30.000 луѓе, помина мирно. Немирите избувнаа во близина на главната железничка станица во Брисел и во центарот на градот, каде што групи демонстранти фрлаа шишиња, тули, камења и пиротехнички средства кон полицајците, палеа оган и уништуваа јавен имот.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите. Приведени или уапсени беа 21 лице, меѓу кои и 13 малолетници.
Штрајкот го парализира јавниот превоз и воздушниот сообраќај, а беа погодени и голем број училишта и градинки.
Штрајкот го организираа двата најголеми белгиски синдикати. Тие се противат на буџетските мерки за кои тврдат дека товарот од намалувањето на државниот дефицит ќе го префрлат врз работниците, пензионерите и домаќинствата со ниски приходи.
Белгискиот премиер Барт де Вевер во четвртокот порача дека болните мерки мора да се спроведат веднаш за да се спречи спиралата на растечкиот јавен долг и трошоците за камати, која би им оставила тежок товар на идните генерации.
Студентите, чии протести започнаа претходно овој месец во Лиеж, денеска ги пренесоа демонстрациите и во Брисел. Дел од инспирацијата ја добија од соседна Франција. Тие протестираат и поради растечките трошоци за образование, преполните училници и реформите за кои стравуваат дека ќе го направат високото образование помалку достапно.
На транспарентите можеа да се прочитаат пораки како „Образованието е право, а не привилегија“.
„Никој воопшто не нè зема предвид и се чини дека никој не разбира колку ни е тешко, и на нас, и на работниците и на студентите. И ние се бориме, а ние сме иднината на оваа земја“, изјави за Ројтерс 23-годишната студентка од Лиеж, Емили Л’Оне.
Штрајкот во Белгија е дел од поширокиот бран протести што ја зафаќа Европа. Студенти во Франција, Италија и други земји излегуваат на улиците поради финансирањето на образованието, додека во Шпанија десетици илјади луѓе протестираа поради станбената криза.
