Кралот на Малезија, султанот Абдулах, денеска го именуваше поранешниот министер за внатрешни работи Мухидин Јасин за нов премиер на земјата, само пет дена по оставката на Махатир Мохамад, највозрасниот премиер во светот.
Кралот денеска донесе изнендувачка одлука со која по политичката бура во земјата во втор план ги стави досегашниот премиер, 94-годишен Махатир, и неговиот коалициски партнер Анвар Ибрахим.
Иако Махатир и Ибрахиум претходно денеска соопштија дека ги надминале разликите и повторно се здружиле, кралската палата во образложението на одлуката наведува дека кралот така одлучил затоа што смета дека Јасин веројатно ќе ја има поддршката од мнозинството во парламентот.
Мухидин изјави дека од сите граѓани на Малезија бара само да ја прифатат одлуката што ја соопшти кралската палата, пренесоа британските медиуми.
Заклетвата на премиерската функција тој ќе ја даде утре.
Мухидин (72) ја има поддршката од поранешната владеачка партија Обединета малезиска народна организација (УМНО), која по шест децении од власта беше симната од коалицискиот Сојуз Пакатан Харапан, на Махатир и Ибрахим, со помош на антикорупциска платформа.
На поранешниот премиер од редовите на УНМО Наџиб Разак во моментов му се суди за корупција.