Директорот на Гимназијата „Георги Димитров“ ја откажа екскурзијата во Прага на 10 март за средношколците од трета година.
Планираното патување се откажува по синоќешниот родителски состанок на кој било побарано децата да не се изложуваат на опасност поради актуелната состојба со коронавирусот.
До нашата редакција претходно пристигна писмо од загрижени родители во кое обвинија дека раководството на училиштето не сакало да се одложи патувањето, а како образложение меѓудругото било кажано и дека „туристичката агенција мора да живее од нешто“.
„Со оглед на актуелната состојба и препораки од Влада и пошироко, очекувавме дека ќе ни биде кажано дека истата се одложува. Но, наместо тоа, класните раководители ни соопштија дека ‘најнормално ќе се оди’, затоа што директорот одлучил така. Ни рекоа и доколку не одиме, ќе плаќаме пенали’ на агенцијата. Револтот беше огромен, нервозата исто така. Згрозени сме , разочарани и во најмала рака повредени од пристапот на директорот којшто во услови на глобална закана, на некој начин не’ уценува со децата“, ни пишаа загрижени родители од гимназијата.
Директорот на гимназијата „Георги Димитров“, Сашо Стојменов ги отфрли обвинувањата и информираше дека уште утрово стапиле во контакт со туристичката агенција и го откажале патувањето во Прага.
„Го разбирам револтот и загриженоста на родителите поради состојбата со корона вирусот. Родителскиот состанок беше организиран од наша страна, ние сакавме да ги информираме како стојат работите. На нивно барање екскурзијата се одложува на неодреден период. Порачувам учениците и родителите да бидат спокојни, ја почитуваме нивната волја. Кога ќе се создадат услови, дали тоа ќе биде април или мај, децата ќе може да појдат на оваа екскурзија“, изјави за А1он директорот на училиштето, Стојменов.
Екскурзијата била закажана уште пред неколку месеци, а за патувањето во Прага се пријавиле 220 средношколци.