Иако астрономски пролетта веќе започна, во Чешка ниските температури рушат рекорди за овој период од годината, јави дописникот на МИА од Прага.
Според метеоролозите, ноќеска најладно било во местото Карлова Студанка, во источниот дел на земјата, каде се измерени минус 19,1 степени.
Рекордно ниски температури, за овој месец се измерени и на уште 167 од вкупно 204 актуелни мерни станици.
На североисток, во местото Адршпах, живата во термометарот се спуштила до минус 18,7 степени, на исток во местото Кралики до минус 18,5 степени, а на север на земјата температурите на повеќето места се движеле под минус 16 степени.
– Во последните седум дена, во Чешка се забележани необично ниски температури за овој временски период. Во најголемиот дел на мерните станици, просечната температура беше околу 4,5 степени под вообичаената нормала, објаснува портпаролот на Чешкиот хидрометеоролошки завод (ЧХУ) Петр Дворжак.
Денеска, во целата земја се очекува температурите да се движат од минус два до 2 степени, а на повисоките места и до минус 9 степени Целзиусови.
Студеното време ќе потрае до идната недела, од кога се чекува постепено покачување на температурата и затоплување до 10 степени Целзиусови на почетокот на април.