Околу две илјади деца под пет години умираат секој ден во светот, а околу 1.800 од смртните случаи се поврзани со водата, санитарните услови и хигиената, соопшти Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ).
УНИЦЕФ по повод денешното одбележување на Светскиот ден на водата, ги повика владите, цивилното општество и граѓаните да запомнат дека зад статистиката стојат лицата на тие деца.
– Понекогаш толку многу се фокусираме на големите бројки, при што не можеме да ги видиме човечките трагедии, кои се во основата на секоја статистика, изјави Санџај Виесекера, глобален раководител на програмата на УНИЦЕФ „Вода, санитарни услови и хигиена“.
– Доколку 90 училишни автобуси полни со деца, се судираат секој ден и при тоа да нема преживеани, светот ќе забележеше. Токму тоа се случува секој ден поради лошата вода, лошите санитарни услови и недостигот на хигиена, рече Виесекера.
Речиси 90 отсто од смртноста кај децата предизвикана од стомачни заболувања се директно поврзани со загадена вода, недостиг на санитаризација и неадекватната хигиена. Податоците за смртните случаи значително се намалени во изминатата деценија – од 1,2 милиони годишно во 2001 година до околу 760 илјади во 2011. УНИЦЕФ напоменува дека ова е се уште висока бројка.
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека околу половина од смртните случаи на деца под петгодишна возраст се концентрирани претежно во пет земји: Индија, Нигерија, Демократка Република Конго, Пакистан и Кина.