Жителите на Трнодол не попуштаат, бараат Општината Карпош да го повлече, како што велат, спорниот ДУП со кој се предвидува изградба на згради во подножјето на населбата поради што може да дојде до лизгање на земјиштето, а постои и опасност од поплави. Тие не сакаат да се гради ниту пат, ниту јужна обиколница како што стои во ДУП-от. Иако градоначалникот Богоев на неколку прес-конференции рече дека се договорил со жителите, тие негираат. Прашуваат зошто ако имаат договор, повторно на увид им го дава истиот план и зошто во него стојат истите маркици кои ги виделе летово.
„Гледате, овде има пат, со него се сече населбата. Еве ја и јужната обиколница за која тврдат дека нема да се гради. Но, ако навистина е така, зошто е вцртана тука? Зошто ги гледаме овие проекти на хартија? Оваа е документ, а тоа што е вцртано треба и да се реализира. Градоначалникот може да зборува за политички маркетинг, но реалноста е поинаква“, изјави за „А1он“, Тошко Мавродиев, жител на Трнодол.
Како што објаснија жителите, тие бараат овој план да се повлече, да не оди на јавна анкета, сè додека не се изработи нов регулациски план од Градот. Откако тој план ќе пристигне, велат, тогаш би можеле да седнат на маса и заеднички да се договорат за нов ДУП кој ќе биде во интерес на граѓаните. Сметаат дека има законски пропусти при носењето на ДУП-от па поднеле и иницијатива до Уставниот суд.
„Да, ние имавме состанок со градоначалникот. Но, ние кажавме дека не се согласуваме со овој план, бараме мораториум, значи да не е на сила. Ова што ни го нуди Општината не е граѓански интерес, таму има и маркици за згради и патишта за кои не сме прашани. Поднесени се преку 400 анкетни листови до Општината и тие се доказ дека го браниме нашиот став“, изјави Дејан Зенделски.
„Со иницијативата што ја поднесовме до Уставниот суд бараме да се провери регулацискиот план, а додека да пристигне одговорот од таму, да се стопира целата процедура за овој ДУП“, додава Радица Зечевиќ, жителка на Трнодол.
Градоначалникот Богоев, пак, тврди дека се договорил со жителите и повтори дека нема да има нова населба над Трнодол. ДУП-от што го предлага вели бил на барање на жителите на населбата Козле, но додава дека не е конечен, ставен е на јавен увид и може да се поднесуваат забелешки до 27 декември.
„Значи оваа е законска обврска на Општината, ние мораме да донесме нов ДУП, затоа што таму има имоти кои се легализирани и треба да бидат впишани и усогласени. За Трнодол има стар ДУП од 2001 година и затоа треба да се направи нов план, во кој се опфатени дел од жителите на Козле. Згради ќе има, кај бензинската пумпа Макпетрол, но една од маркиците кои се издадени е пред јас да дојдам во Општината и не можам тоа да го спорам. Значи и тие луѓе кои си побарале маркици си имаат свои права согласно закон и устав. Има јавна анкета, планот е на увид и тоа беше едно од барањата на жителите, па слободно ќе може да поднесат забелешки“, изјави Богоев за А1он.
Жителите на Трнодол уште летово се бунеа против ДУП-от и бараа негово менување. Градоначалникот Богоев ги прими на средба, но очигледно и по неа недоразбирањата сè уште не се надминати.