Бројни пораки на поддршка од државни и политички лидери од Косово и Албанија, меѓу кои и од косовскиот претседател Хашим Тачи и албанскиот премиер Еди Рама, пристигнаа за лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на последниот состав на Собранието на Косово, Кадри Весели, откако вчера објави дека, како поранешен водач на Ослободителната војска на Косово (ОВК), добил покана да се јави во Хаг на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, претседателот Тачи преку објава на Фејсбук порача дека „нема суд, ниту тенденција, ниту измислица која може да стави дамка врз Весели и неговата борба за слобода“.
– Нема никакви сомнежи дека господинот Весели, како и десетици поранешни борци на ОВК, кои веќе се повикани од Специјализираните комори, имаше највисок патриотски, политички и воен морал. Нема суд, ниту тенденција, ниту измислица која може да стави дамка врз Весели и неговата борба за слобода. Нема суд, ниту домашен ниту меѓународен, кој може да ја извалка чистата борба на Ослободителната војска на Косово, напиша Тачи.
Поддршка на Весели му изразија и неговите соборци од војната во 1998-99 година, браќата Рамуш и Даут Харадинај, како и Фатмир Лимај и други поранешни припадници на ОВК.
Премиерот во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај изјави дека Весели се борел против угнетувањето и теророт од страна на Србија и изрази уверување дека „ќе ја одбрани чистотата на таа борба со достоинство“.
– Кадри Весели, како еден од водачите на Ослободителната војска на Косово се бореше против угнетувањето и теророт од страна на Србија врз народот на Косово, како и секој борец на слободата, и ќе ја одбрани чистотата на таа борба со достоинство. Уверен сум дека и овој пат ќе победи нашата вистина и правичност, рече Харадинај.
Неговиот брат, потпретседателот на ААК и пратеник во Собранието на Косово, Даут Харадинај порача дека ќе го поддржи Весели, како и секој друг борец, и изрази уверување дека достоинствено ќе ја одбрани ОВК пред судот во Хаг.
Потпретседателот на Владата во оставка и лидер на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај смета дека поканата од Хаг за неговиот поранеше соборец и сопартиец, Весели, е „неправедна и од неправеден суд“.
– Поканата за интервју од Специјалниот суд за нашиот соборец, г. Кадри Весели е неправедна и од неправеден суд, како што се неправедни поканите и за други водачи и борци на ОВК. Како што водачите на ОВК знаеја повеќе пати да ја одбранат чистотата и правичноста на борбата на ОВК, и овој пат г. Кадри Весели ќе знае да го направи тоа. Уверен сум дека и овој пат Косово ќе го надмине успешно овој предизвик и дека правдата ќе победи над клеветите, напиша Лимај.
Поддршка на Весели за неговото соочување со Специјалниот суд му изразија и државници и политички лидери од Албанија.
Премиерот Еди Рама ја оцени како неправедна поканата од Хаг за борците на ОВК, но нагласи дека тоа е најдобриот начин да се докаже исправноста на нивната борба.
– Колку и да е неправедна поканата од Специјалниот суд за секој борец на ОВК, не останува друго освен правото да се каже вистината за правдата извојувана со борба од еден народ, на кој без Ослободителната војска на Косово ќе му се негираше неговото право! Солидарни со Кадри Весели, напиша Рама на Твитер.
Шефот на албанската дипломатија Гент Цакај изјави дека Весели и неговите соборци се доказ за чистотата на каузата за ослободување на Косово.
– Србија само во последната војна во Косово е одговорна за убиството на повеќе од 12.000 Албанци, за масовна депортација на над еден милион луѓе и милиони долари воени штети. Овие злосторства не се извршени врз индивидуална основа, туку беа директно спонзорирани од државниот апарат на Србија. Србија целосно потфрли во соочувањето со сопственото криминално минато и политичарите и парамилитарците од тоа време денес се на чело на српската држава, изјави Цакај.
Лидерот на најголемата оозициска партија во Албанија, Демократската партија, Љуљзим Баша, изрази уверување дека Весели и неговите соборци „повторно ќе ја докажат пред светот правичноста на каузата за слобода“ на Косово.
– Никој не може да ја осквернави ослободителната борба и сублимната жртва на народот на Косово за слобода и независност. Кадри Весели и неговите соборци повикани од Хаг повторно ќе ја докажат пред светот правичноста на каузата за слобода од окупацијата и нечовечното угнетување, порача Баша.
Поддршка на Весели му изразија и други јавни личности, сегашни и некогашни пратеници, политичари, сопартијци и некогашни соборци од ОВК.
Кадри Весели е еден од основачите на ОВК, а од април 1999 до јуни 2008 раководел со Информативната служба на Косово (ШИК).
Весели вчера, објавувајќи ја поканата од Специјалниот суд, рече дека на 4 декември ќе се појави пред истражителите во Хаг.
Специјалниот суд, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција, формирана со одлука на Собранието на Косово во август 2015 година, ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.
Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 100 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година, а првите обвиненија, според приштинските медиуми, се очекува да бидат подигнати до крајот на оваа година.