И покрај тоа што помина 1,5 месец од преземањето на предметите на СЈО, ексспецијалните обвинители освен што се појавуваат на судења за тековните обвиненија, отворените истраги воопшто не ги работат, дознава „А1он“. Приоритет при преземањето им бил даден на случаите кои се во судска постапка.
Сите истраги кои ги отворило СЈО треба да бидат реферирани на колегиум во Јавното обвинителство за да се види до која фаза се предметите, со какви докази располагаат обвинителите, па дури потоа да почнат да ги работат обвинителите.
Иако формално на обвинителите им се доделени предметите во работа, сепак, без да поминат овие „филтри“ тие не можат да ги работат предметите. Сега поранешните специјални обвинители се и без персоналот кој им помагаше, па неизвесно е дали и со каква брзина би се одвивале истрагите.
Проблем се оние истраги што се отворени по рокот за поднесување обвиненија 30 јуни 2017 година, за кои Врховниот суд усвои начелно правно мислење дека СЈО е неовластен тужител и даде напатствија или истрагите да се затворат или да се поднесат обвиненија. Такви примери се истрагите „Империја“ и „Поштенска банка“, каде што има изречено активни мерки пред судот.
Во меѓувреме, специјалните обвинители доаѓаат на работа на Рузвелтова, во зградата на СЈО и од таму ги застапуваат предметите пред судот.
СЈО по законскиот рок отвори многу други истраги, како онаа за пописот против лидерот на ДУИ Али Ахмети и избеганиот Никола Груевски, истрагата „Моќник“ за Антонијо Милошоски, „Пациент“ против вицепремиерот Бујар Османи, „Дизајн“ за набавката на кинеските автобуси, „Базни станици“ каде е осомничен Жарко Луковски.
На овој список се и „Друмарина“ каде осомничена е експратеничката Силвана Бонева, „Подарок“, каде што СЈО го осомничи ексминистерот Зоран Ставрески, „Пропаганда“, „Странски служби“, „Рентген“…
Енигма остана истрагата за предметот „Скопје 2014“, која по својот обем и сложеност ги надминуваше сите останати предмети во обвинителството, истрагата за случајот „Актор“ и други.
Со оглед на политичката клима и претстојните избори, се чини дека веќе никој не разговара за Законот за јавното обвинителство, кој требаше да реши многу од овие прашања. Вработените во СЈО ги очекуваат септемвриската и октомвриската плата, а Законот за јавнообвинителски службеници кој треба да овозможи да се надминат овие проблеми сè уште не е донесен.