Купишта ѓубре, градежен шут, но и стар мебел и санитарија од бањи сè уште стојат натрупани на депонијата во Бутел, која уште летово требаше да ја исчисти Инспекторатот на Град Скопје. Надлежните од Инспекторатот тогаш ветија дека целиот шут ќе биде депониран на „Дрисла“, а земјиштето вратено во првобитната положба. Донесоа камиони, се пофалија дека чистат за да ни замачкаат очи и потоа не се појавија, изјави револтирано Нино Здравков, еден од сопствениците на чиј плац се протега депонијата.
„Повеќе од јасно е дека чистеа само еден-два дена за да покажат дека работат нешто. Се гледа дека не мрднале со прст. Овде не само што не е исчистено туку има натрупано и ново ѓубре. Ветија дека ќе расчистат, ветија дека ќе стават редари, но од тоа нема ништо. Два месеца поминаа од тогаш, плацот се дави во ѓубре. Ги знаеме сторителите со име и презиме, ги знаат и надлежните. Поднесоа пријава, ветија дека ќе ги казнат, но нема ништо ни од тоа“, вели Здравков.
Еден од жителите во близина на депонијата вели дека камиони и понатаму истовараат земја и шут, но тоа го прват ноќе.
„Доаѓаат во 12, во 1 ноќе, никој не може да ги фати. Исфрлаат земја, вреќи со отпад и бегаат. Преку ден доаѓале и полиција и инспектори, сум ги гледал, но бадијала, не може да фатат никој. Овде имаше зеленило, беше ливада, сега го упропастија, срамота е“, вели Фета Шаип, еден од жителите на Бутел.
Пo објавата за акцијата дека депонијата ќе биде исчистена, Здравкови пуштиле оглас за продажба на плацот. Но, како што велат, потенцијалните купувачи си заминуваат затоа што земјиштето е покриено со ѓубре.
„Имаше заинтересирани, доаѓаа, гледаа, но си заминуваат зашто ова не е плац, туку градежен отпад. Јавно прашувам, кој ќе нè обесштети. Изгубивме и нерви и пари, а надлежните молчат. Има ли институција во оваа држава која ќе ми ја надомести претрпената штета?“, праша Здравков.
Од Инспекторатот на Град Скопје засега не кажуваат зошто е стопирана акцијата и не е исчистено во Бутел. Велат дека ќе го разгледале предметот и ќе информирале за најмногу два дена зошто и дали ќе се продолжи со чистење.
Акцијата почна пред два месеца кога Инспекторатот излезе на терен со механизација на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Улици и патишта“ и се пофали дека депонијата ќе ја исчити за 10-ина дена, а фактурата за чистење ќе им ја испорача на сторителите што го организирале депонирањето на сметот. Но, расчистувањето, најверојатно, било стопирано по само еден-два дена, а сметот остана во Бутел.
Тогаш Градот поднесе и кривична пријава против три лица кои неовластено исфрлале смет во Бутел и формирале депонија. Предметот го води ОЈО, кое информира дека сè уште е во предистражна фаза.