Најмалку пет лица загинаа, а 15 се повредени во новите судири меѓу ирачката полиција и демонстрантите во источен Багдад, соопштија полицијата и медицински извори.
Според „Ројтерс“, новите судири меѓу полицијата и демонстрантите се случиле во станбената област Садр сити.
Ирачките власти претходно денеска соопштија дека 104 лица се убиени во земјата од почетокот на антивладините протести, меѓу кои и осум членови на безбедносните сили.
Ирачкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека 6.107 демонстранти и повеќе од 1.200 припадници на безбедносните сили се повредени во немирите во Багдад и градовите на југот од земјата.
Протестите во Ирак започнаа во вторникот и веднаш се претворија во крвави судири.
Спонтаните митинзи беа иницирани од страна на младите Ирачани, кои бараат подобри можности за вработување и борба против распространетата корупција во земјата богата со нафта.