Македонските и бугарските историчари денеска ќе разговараат за Делчев

Од:

Седмиот состанок на мешовитата македонско бугарска експертска комисија продолжува денеска во Софија со расправа за ликот и делото и можностите за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Гоце Делчев беше тешкото прашање на последната средба на комисијата во јуни, а тогаш претседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев и бугарскиот претседавач Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.

Вчера, на првиот ден од состанокот, членовите на комисијата работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки за учебниците за седмо одделение во Северна Македонија и шести клас во Бугарија.

– Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период, потврдија за МИА извори од комисијата.

И покрај разликите членовите на комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави.

Кај македонската страна постои уверување дека на следните средби разликите ќе се надминуваат со цел да се дојде до препораки во насока на градење на добрососедските односи и во насока како различното толкување на минатото да не биде пречка меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Членовите на комисијата се согласни дека е потребна и дискусија како да се промени пристапот и начинот на нејзиното работење со цел состаноците коишто ги одржува да дадат уште подобри резултати во духот на Договорот за добросоодество.

Средбата во Софија е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје во јуни годинава. Ова е четврта средба на комисијата оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две.

Од досегашните шест средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски