Убиен бугарскиот бизнисмен и поранешен европратеник Слави Бинев: Тројца осомничени уапсени на автопат

Од:

Бугарскиот претприемач, политичар и поранешен европратеник Слави Бинев утрово е убиен со огнено оружје во својот дом во софиската населба Павлово. Полицијата набргу по убиството уапси тројца мажи, а како можен мотив се истражуваат нерешени финансиски односи, објавуваат бугарските медиуми.

Според информациите на бугарската телевизија НОВА, полицијата добила пријава за пукање околу 10:20 часот. Итната медицинска помош пристигнала за седум минути, но лекарите можеле само да констатираат смрт. На телото на убиениот била пронајдена прострелна рана во главата.

Полицијата за убиството ја известил работник кој се наоѓал во куќата на Бинев. Според неговото сведочење, неколку лица дошле на имотот, по што се слушнале истрели. Кога отишол да провери што се случило, го пронашол Бинев мртов.

Околу еден час подоцна, полицијата на автопатот „Тракија“, во близина на тунелот „Трајанови врата“, уапсила тројца мажи за кои постои сомневање дека се поврзани со убиството.

Генералниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, изјави дека уапсените го познавале Бинев и претходно доаѓале во неговиот дом.

Кај нив биле пронајдени два пиштола, од кои едниот бил фрлен од возилото непосредно пред неговото запирање.

Според првичните информации, осомничените се занимавале со градежништво. Полицијата ја истражува можноста убиството да му претходел конфликт поради нерешени финансиски односи. Николов изјави дека засега нема докази што упатуваат на нарачано убиство.

Градското обвинителство во Софија отвори истрага, а се очекува одлука за евентуално подигнување обвиненија против приведените.

Кој беше Слави Бинев?

Славчо Пенчев Бинев, познат како Слави Бинев, е роден на 10 декември 1965 година во Софија. Во текот на кариерата бил успешен таеквондист, претприемач и политичар.

Извршувал и високи функции во спортски организации, меѓу кои претседател на Бугарската таеквондо федерација и прв потпретседател на Европската таеквондо унија.

Врвот на спортската кариера го достигна во 1992 година, кога во Цеље стана европски шампион во таеквондо. По завршувањето на натпреварувачката кариера работеше како меѓународен судија, тренер и спортски функционер. Подоцна стана претседател на Бугарскиот олимписки таеквондо сојуз и беше дел од раководството на европската организација.

Во текот на 1990-тите и 2000-тите години разви бизниси во секторите за обезбедување, градежништво и забавна индустрија. Управуваше со неколку популарни ноќни клубови во Софија, а неговото име се поврзуваше со холдингот „Р-Систем“ и клубот „БИАД“.

Медиумите со години го поврзуваа со организирани криминални групи што се појавиле во Бугарија во периодот на транзицијата.

Политичката кариера ја започна во партијата Атака, од чија листа во 2007 година беше избран за европратеник. Во Европскиот парламент беше член на Комитетот за економски и монетарни прашања и учествуваше во работата на неколку делегации.

Истата година се кандидираше за градоначалник на Софија, а во 2009 година освои и втор мандат како европратеник.

Во 2011 година ја напушти Атака, а една година подоцна ја основа сопствената Конзервативна партија – Движење за успех. Подоцна се приклучи на сојузот ГОРД, а во 2014 година и на Националниот фронт за спас на Бугарија. Во октомври истата година е избран за пратеник во бугарскиот парламент.

Неговото именување за претседател на парламентарната Комисија за култура и медиуми предизвика протести во културните кругови, поради што во декември 2014 година поднесе оставка. Подоцна ја презеде функцијата претседател на Комисијата за деца, млади и спорт.

На парламентарните избори во 2017 година беше кандидат на листата на партијата ДПС.

Би можело да ве интересира

Црното Море стана нов фронт на војната: Радев ја повика руската амбасадорка, рекции на ЕУ и НАТО

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Повторно погодени бродови во Црното Море кај Бугарија

Катерина Ѓуровски

Михаилова слободно ја мина границата со Бугарија, бугарското МНР не било известено за нејзините потези

Горан Наумовски

Средба на министерот Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија ги нападнала бродовите во бугарски води, Софија не потврдува

ВИДЕО: Напад со дронови на два брода во бугарски води во Црното море