1ТВ чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13, од вчера престана да емитува програма, по сопствена иницијатива. Доколку телевизијата не емитува програма во наредните 30 дена, ќе ѝ биде одземена дозволата за работа, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Кон крајот на јули годинава, кога Боки 13 беше уапсен за случајот „Рекет“, вработените заминаа на колективен одмор, но неколку дена подоцна продолжија да емитуваат програма, како што рекоа, на своја иницијатива.
Но, според неофицијалните информации, поради големиот број долгови и неможност да се покријат ниту режиските трошоци, телевизијата од вчера престана да зрачи во етерот.
1ТВ беше отворена лани во март. Сопственик на телевизијата е фирмата БМЈ Медиа Груп, каде што како сопственици се јавуваат Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски.
Веб-страницата на телевизијата се уште е во функција.