Во сенка на случајот „Рекет“ тапкаат преговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за Jавното обвинителство. Иако првичните очекувања беа дека по одморите, односно од денес, ќе продолжат средбите на работната група за да се испеглаат разликите за законот со кој се решава судбината на СЈО, таков состанок не се одржа. Од Министертсвото за правда нема информација дали и кога може да се очекува средба на работната група, но неофицијално се намалува оптимизмот за договор ако се земе предвид дека веќе идната недела предлог-законот за Јавното обвинителство е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 27 август.
Дали власта се подготвува да тргне во потрага по обезбедување двотретинско мнозинство сè уште е неизвесно, но не се исклучува можноста во пресрет на очекувањата за добивање датум за преговори со ЕУ во октомври.
Од опозицискаа ВМРО-ДПМНЕ не откриваат како ќе се позиционираат ако не успеат да се договорат, но велат дека тие како партија не отстапуваат од барањата – обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства и истрагите за кои беа поднесени обвиненија по истекот на рокот да не се префрлат автоматски во новото обвинителство.
„Со законот што беше поднесен од страна на Зоран Заев, СДСМ и Рената Дескоска тука, единствено, се бара амнестија и спас за нив самите за сите работи што ги прават во моментот, што за нас е неприфатливо по ниту една основа, а нормално и за граѓаните, не само за нас. Затоа, уште еднаш апелираме да го прифатат сето она што го побаравме, тоа се принципи на меѓународното право, принципи што се добри за владеење на правото во државата и, конечно, да се донесе закон со кој ќе бидат задоволни јавноста и политичките неистомисленици, меѓутоа и сите оние што згрешиле ќе може да одговараат пред законот“, изјави партискиот портпарол Димче Арсовски.
Со владиниот предлог-закон за Обвинителството, СЈО треба да се вметне во Обвинителството за организиран криминал, на чело со обвинителката Вилма Рускоска, а обвинителите од СЈО да продолжат со работа.