Бизнисменот Орце Камчев се повлече од раководните позиции во неговата „Орка Холдинг“, покажуваат податоците од Централниот регистар. Тој се повлекол од дирекорското место, од извршен член на Одбор на директори, а останува единствено неизвршен член на Одборот заедно со неговата сестра Кристина Камчева Стојческа.
На негово место како директор на „Орка Холдинг“ доаѓа Антоније Мариноски, поранешен член на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.
Орка Холдинг се јавува во сопствеништвото на десетици компании, како „Бет Сити Интернешнл“, „Монт“, клиничката болница „Аџибадем Систина“, „Орка спорт“, „Систина фармација“, „Архи“ и многу други.
Неизвесно е од кои причини Камчев се повлекува од раководните структури во компанијата, но тоа го прави токму во периодот кога во тек е истрагата за случајот „Рекет“ каде што тој се јавува како сведок и ги обезбеди снимките во кои Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец му бараат рекет од милиони евра за Катица Јанева да ја стопира истрагата против него за случајот „Империја“.
Во случајот „Империја“, пак, тој заедно со уште 12 лица, меѓу кои и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. На барање на Специјалното јавно обвинителство, за овој случај беше замрзнат дел од имотот на „Орка Холдинг“, а Камчев има забрана за располагање со уделите во компанијата.