Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Никола Јанкуловски реагира дека се прави обид за нарушување на неговата чест и авторитет, по соопштението на антикорупциската комисија дека тој врши две функции и како ректор и како професор на Медицинскиот факултет. Според него тој не крши ниту еден закон и тврди дека нема судир на интереси како што велат антикорупционерите.
„Ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Ова е регулирано со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование, Анексот на Колективниот договор (Службен весник на Република Македонија бр. 33/2011), Спогодба помеѓу Медицинскиот факултет и Клиниката за дигестивна хирургија од 21.4.2009 година, и Договорот со Сенатот на УКИМ од 2016 година. Сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос. Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори. На ниеден ректор до сега не му мирувал работниот однос како што бара ДКСК, бидејќи ректорот е раководна, а не избрана и именувана функција како државните функции. Сите ректори на јавните универзитети од Министерството за образование и наука добиваат буџетски средства како додаток (не плата) за вршење на ректорската функција. И деканите земаат функционален додаток додека ја вршат функцијата декан“, вели Јанкуловски.
Во писмена реакција тој објаснува дека екторот не може 30% да обавува здравствена дејност како што тврди ДКСК, доколку не е вработен во здравствена установа. Според него со одземањето на здравствената дејност ректорот не може да биде ниту професор и со ова ДКСК му ја одзема професорската дејност на ректорот што, како што вели, е во директна спротивност со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование и горенаведените подзаконски акти и досега, вели, немало случај на ниеден универзитет ректорот истовремено да не е професор.
„Неосновани и против уставни и против законски се и обвинувањата за непостоење на правилник кој “требало” да го донесе директорот на Клиниката за дигестивна хирургија кога постои Колективен договор за здравствената дејност врз основа на кој, по коефициенти, се врши исплатата на плати во здравствената дејност“, додава Јанкуловски.
Вчера ДКСК констатира дека Јанкуловски земал две плати , една како ректор на УКИМ и една од Клиниката за дигестивна хирургија. Антикорупциската комисија одлучи да побара кривична одговорност од директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје, Зоран Караџов, како и од ректорот Јанкуловски кој требало да го достави барањето за мирување на работниот однос до Клиничкиот центар, но не го направил тоа и се стекнал со материјална корист.