Дали премиерот Зоран Заев навистина им објавува војна на лажните вести и дезинформациите или, пак, сака да ги поткупи и дисциплинира медиумите, прашува Граѓанско-демократската унија (ГДУ), преку соопштение.
„По неговата денешна прес-конференција, на која го претстави акцискиот план, ГДУ изразува сомнеж за вистинската намера на власта, односно дали таа индиректно најавува цензура? Прво, се отвора сомнеж дали Владата преку ваквиот план се обидува да купува медиуми? Второ, нејасно е на кој начин Владата ќе спроведува програми и тренинзи за медиумска писменост и не се знае колку пари ќе се потрошат. Трето, дали Владата со тоа што ќе воведува јасни критериуми за акредитирање на новинарите што ги следат владините настани сака да се заштити од незгодни новинарски прашања? Дали за аферите и скандалите што се објавуваат, од Владата ќе се покриваат дека се лажни вести? Четврто, дали власта со акцискиот план, всушност, најави и дека ќе брише објави и профили на социјалните медиуми? И, петто, кој ќе утврдува што е лажна вест и дезинформација, а што вистина“, прашуваат од партијата.
Оттаму потенцираат дека вината не треба да ја бараат само во медиумите и социјалните мрежи.
„Лажни вести шират и политичарите. Истиот проблем го има и Европа, па затоа ќе го цитираме Доналд Туск, кој во една пригода, говорејќи на темата лажни вести, истакна: „Во Европскиот совет многу јасно ставив до знаење дека некои од премиерите што таму седат и самите се извори на лажни вести“. Предупредуваме внимателно со плановите. Да не се обидува власта да ги замолчи медиумите ниту, пак, да се осмели да ги поткупува преку некакви си кампањи. Мора да се почитува правото на слобода на говор и критика, во спротивно бадијала зборувате за европски препораки“, велат од ГДУ.