Рокот за заемот од пола милијарда евра за новиот клинички центар истекува утре

Од:

Утре истекува рокот кој Министерството за здравство и Министерството за финансии заеднички го дадоа на меѓународните финансиски организации и меѓународни банки за евентуално одобрување заем од 500 милиони евра, пари со кои државата планира изградба на нов клинички центар во Ѓорче Петров. До утре банките и финансиските организации треба да покажат интерес за одобрување на заемот. Рокот почна да тече на почетокот на мај, по владината седница на која беше донесена одлука за изградба на новиот клинички центар во Ѓорче.

„Сè уште немаме информации за можни заинтересирани да ни одобрат кредит и пред истекот на дадениот рок. Постапката ја води Министерството за финансии и очекуваме утре, по истекот на рокот, да бидеме детално информирани. Барања за заем се испратени до повеќе од петнаесет меѓународни банки и финансиски организации“, вели министерот за здравство, Венко Филипче, за „А1он“.

Од Министерството за финансии не одговорија на прашањето дали некоја од банките веќе испратила одговор на нивното барање.

Сумата од половина милијарда евра, колку што изнесува заемот, министерот Филипче смета дека е можно да претрпи измени откако ќе биде разгледана физибилити-студијата за новиот клинички центар. Студијата бесплатно, како техничка помош, ја изработи австриската агенција за здравство АХАЕ. Министерот Филипче вели дека студијата е веќе завршена и се очекува да ја разгледаат во соработка со експерти за да се донесат конечни одлуки.

Новиот клинички центар Владата одлучи да го гради во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров откако беше утврдено дека е неисплатливо да се гради на сегашната локација поради метежот, а во Бардовци поради тоа што нема доволно државно земјиште па трошоците за обесштетување би биле преголеми.

Планот на Министерството за здравство и Владата е до крајот на годинава да бидат поставени темелите на новиот клинички центар. Тој ќе се гради на површина 102 илјади квадратни метри, на пет нивоа, а ќе има 1.300 болнички легла, 20 операциони сали, четири ангиографски сали и 65 амбуланти.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Секој денар од ребалансот е инвестиција во иднината

Собранието ги усвои двата закони за заеми кај Светската банка

Пратениците не изгласаа недоверба на српската Влада

Горан Наумовски

Левица: Ако економијата расте, зошто Владата постојано зема нови кредити?

ДУИ: Три странски инвеститори си заминаа за две години, Владата да каже колку работници останаа без работа

Водата во Гостивар била загадена и во времето на Филипче, обвинија и премиерот и шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ