Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против В.К.(47) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од 2015 година до 2017 година, соопшти денеска МВР, пријавената, како директор на основното училиште „Гоце Делчев“ во Кавадарци, соопшти денеска МВР, извршила набавка на разна стока од четири правни лица од Кавадарци, без да спроведе постапка за јавна набавка, со што овозможила тие да се стекнат со противправна имотна корист од 295.389 денари на штета на буџетот на Општина Кавадарци.
Исто така, во периодот од 2015 до 2016 година пријавената исплатила 111.030 денари за превоз на правно лице од Кавадарци и покрај тоа што истото за наведената услуга не доставило соодветна документација. Пријавената, се појаснува во соопштението, во периодот од 2015 до 2018 година извршила набавка на производи и услуги од три правни лица, за износ што ги надминувал износите утврдени во договорите со тие правни лица, со што им овозможила на истите се стекнат со противправна имотна корист од 47.579 денари на штета на буџетот на Општина Кавадарци.
Во соопштението се посочува дека во перидот од 2016 до 2018 година, пријавената платежните картички за набавка на гориво за потребите на наведеното училиште, ги користела и при плаќање на гориво кое го ставала во сопственото возило, со што се стекнала со противправна имотна корист од 81.000 денари на штета на буџетот на општина Кавадарци. Со ова, соопшти денеска МВР, пријавената нанела вкупна штета од 534.998 денари на Буџетот на општина Кавадарци.