Поранешниот заменик правобранител Трипун Танушевски кој за апсењето на лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски бил одреден да постапува откако во јавноста излегле извештаите од медиумите, на денешното сведочење за случајот „Тортура“ рече дека Народниот правобранител не постапил по предметот поради веќе донесената одлука на истражниот судија од Кривичниот суд дека не се преземени никакви незаконски активности при апсењето на Бошкоски.
– Откако се добиени доказите од секторот за внатрешна контрола, доставени ни се и записници за оправданоста за употреба на сила. Во меѓувреме народниот правобранител прибави докази дека истражниот судија од Основен суд 1 кој ја водел истрагата констатирал дека не се превземени незаконски полициски овластувања што е констатирано со судска одлука. Народниот правобранител немаше законски можности за понатамошно постапување кога има одлука на истражен судија, рече Танушевски.
Тој истакна дека Народниот правобранител претходно ги прибавил сите материјали за почеток на постапка меѓу кои изјави од Бошкоски додека се наоѓал во притвор и изјава и документација од затворскиот лекар. Сепак поради судската одлука не е отпочната постапка.
Одговарајќи на прашање на јавниот обвинител Танушевски рече дека не се сеќава дали ја видел снимката од апсењето додека постапувал по случајот или подоцна, но секојнќ случај од видео материјалот не можел да увиди дали е употребена прекумерна сила.
Поранешниот заменик народен правобранител пред Судечкиот совет рече дека доколку се наоѓал на местото на Бошкоски и било поставувано така кон него од страна на полицијата при апсењето, земајќи ги во предвид фактите дека е поранешен министер, јавна личност и лидер на партија ќе бил и тоа како понижен.
-Кога би се нашол во ситуација на Љубе Бошкоски и доколку ме легнат на земја како јавна личност некогашен министер сето тоа како и вртењето кон тоалет би го чувствувал како понижување, рече Танушевски.
Виктор Јованов