Хазби Лика со најмногу роднини во државните служби

Од:

Функционерите до Антикорупциската комисија ги пријавуваат роднините кои се вработени во државните служби, како и своите блиски кои имаат свои фирми и невладини организации, но само кога ќе стапат на функцијата. Не постои податок за тоа дали во текот на нивниот мандат, членови на семејството и роднини се вработиле во јавните служби или отвориле нови фирми.

Оттаму, во земјава не постојат информации за тоа со колку блиски роднини вработени во државниот и јавниот сектор еден функционер доаѓа на функцијата, а со колку си заминува, што го прави процесот на утврдување на конфликт на интереси уште потежок.

„А1он“ во Антикорупциската комисија изврши увид во изјавите за интереси што ги пополнувале актулните министри кога дошле на функцијата во 2017 година. Овие податоци, иако би требало да се јавни како што се анкетните листови за имотната состојба на функционерите, не се објавени на веб-страницата на ДКСК.

Според податоците може да се заклучи дека најмногу роднини вработени во државни институции од министрите во Владата до Антикорупциската комисија има пријавено Хазби Лика, заменик на претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Тој по доаѓањето на функцијата пријавил дека негов братучед е член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапки од работен однос во втор степен, друг негов братучед е директор на Македонски железници – инфраструктура од 2011 година, а негова роднина е професор во средното медицинско училиште во Тетово од 2013 година. Братот на Хазби Лика, пак, е основач на приватна компанија.

Во изјавата за интереси, секој избран и именуван функционер треба да одговори дали е вршител на друга јавна функција, дали е сопственик или член на надзорен и управен одбор во приватни фирми, а одговара и дали негов близок роднина е вработени во државна институција, дали членува во граѓанска организација или пак е сопственик на фирма.

Овие изјави на интереси треба да служат како почетна точка во утврдувањето дали има судир меѓу јавната должност и приватниот интерес.

Според изјавите што ги поднеле, министрите Оливер Спасовски, Венко Филипче, Крешник Бектеши, Зоран Шапуриќ, Бујар Османи, Горан Сугарески, Зорица Апостолска, Садула Дураки, Љупчо Николовски и Никола Димитров кога дошле на функцијата изјавиле дека не вршат друга јавна служба, немаат допир со приватни фирми и дека нивни блиски не се вработени во јавните служби ниту пак се сопственици, основачи, содружници, членови на собрание, надзорен одбор, управен одбор или се овластени лица во компании.

Премиерот Зоран Заев пријавил само дека неговиот брат Вице Заев е сопственик на фирмата „Тотал Инженеринг“ во Струмица.

Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност пријавил дека е сопственик и управител на „Инфинити Плус продукција“, а по укажувањето од страна на Антикорупциската комисија дека има конфликт на интереси, тој се повлекол од директорското место.

Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања ја пријавил својата фирма „Фероинвест“ каде што има 80 отсто од уделите, додека за ЕДС ДОО стои дека е во фаза на продажба. Анѓушев пријавил и дека е основач на Фондацијата „Анѓушев“ и претседател на ФК Борец 1919, но дека од овие места не прима надоместок.

Сопругата на Анѓушев е содружник во фирмата „Офисрент“, додека неговиот брат е содружник во „Фероинвест“, управител во МХЕ и содружник во „Енерџи менаненс солушн“.

Повеќе роднини во државните и јавните служби има пријавено и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, чиј прв братучед работи во Општина Штип, првата братучетка работи како наставник исто како неговиот чичко кој работи во основно училиште во Штип.

Прашање е и колку овие изјави на интереси подлежеле на проверка, со оглед на тоа што Антикорупциската комисија во последниве, а особено во последната година беше речиси невидлива институција која треба да се бори против непотизмот, криминалот и судирот на интереси. Како потврда на ова служи и фактот што, на пример, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не пријавила дека нејзиниот неформален сопруг има фирма „Флај кем“, а за истата оваа фирма годинава се пишуваше дека добила три јавни набавки од 1.5 милиони денари.

Инаку, под „блиски лица“ се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, син и ќерка, внуци, татко и мајка, баба и дедо, братучеди и секое правно или физичко лице со кое функционерот има приватен интерес.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска,  вели дека е факт дека во изјавите на интереси има недостатоци на кои допрво треба да се работи.

„Во иднина ќе има еден образец кој ќе го пополнуваат функционерите, и за имотната состојба и изјава за интереси. Софтверското решение е во фаза на подготовка. Факт е дека сега излегуваат на површина некои недостатоци на кои ќе треба да се работи во иднина“, вели таа за „А1он“.

Најголемиот недостаток, барем според она што тимот на „А1он“ успеа да го види од изјавите за интереси е неможноста да се знае чии роднини се запослувале во државните служби за време на мандатот на функционерите, бидејќи законот не предвидува да се пријавуваат било какви промени.

Случајот не е ист со поднесувањето анкетни листови за имотната состојба, каде што функционерите се должни во рок од 30 дена да пријават со каков имот располагаат, но треба да ја пријават и секоја промена во имотната состојба.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Постапката пред Антикорупциска за случајот на Христовски не може да е причина за неактивност на други институции реагираат од Комисијата

Мицкоски: Со одлуката на ДКСК се потврдија лагите за Јован, го обвинија и го судеа без докази само затоа што ми е син

Левица поднесе преставка за Гаши до Антикорупциска зошто ја носел сопругата во Вашингтон на службено патување

Димитровска: ДКСК постигна значителен успех во борба против корупцијата