Министерот за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција, Никос Папас, во понеделник и вторник на 18 и 19 февруари ќе ја посети Северна Македонија за активности на соработка како со Северна Македонија, како што предвидува Договорот од Преспа, така и со земјите од Западен Балкан, соопштуваат од кабинетот на грчкиот министер, јави дописничката на МИА од Атина.
Папас ќе учествува на Самитот на Европската Комисија- Западен Балкан на тема дигиталната агенда на комисијата за регионот, a ќе оствари средба и со министерот Дамјан Манчевски.
-На средбата ќе се разговара за можните соработки во областа на дигиталната трансформација на јавниот сектор и на економијата и давање техничко знаење и искуство од Грција за соседна земја, соопштуваат од кабинетот на Папас.
Министерот за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција, Никос Папас во јули минатата година, во разговор со дописничката на МИА од Атина, рече дека по Договорот од Преспа почнува нова ера за двете земји, а по финализирањето на Договорот ќе може да се спроведат во пракса „многу добри и позитивни идеи за соработка на двете земји на ниво на нови технологии“.
-Поврзувањето и дигиталната политика се областите на активности што можат да ги одведат двете земји заедно кон следниот чекор кон иднината. Постојат огромни можности за заеднички развој и двете страни сме решени да ги искористиме, рече Папас за МИА, еден месец откако беше потпишан Договорот од Преспа.