Министерот за финансии Драган Тевдовски денес пред Македонската банкарска асоцијација ги презернтираше новините во законот за субвенционирање на станбен кредит. Тој кажа дека значително се намалени каматните стапки за проектот „Купи куќа, купи стан“, како и дека ќе има нови поволни модели и ќе се прецизираат условите за добивање на субвенциониран станбен кредит. Предлог-законот беше изготвен од министерството за финансии, а усвоени од владата.
-Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки. Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95% на 2,9% за првите 3 години. За четвртата и петата година каматите ги намалуваме од 4,44% на 3,9%. Ова се во моментот најниски каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра- рече Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“. Имено наместо досегашната стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата ќе биде 4% + 6-месечен Еурибор. Инаку оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот. Се предлагаат и нови модели на субвенционирање кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите.
„Со моделот „Купи стан за млади“ ќе субвенционираме 70% месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или ќе субвенционираме 70% од учеството. Со ова ќе се обезбедат за повисоки субвенции за околу 2.500 евра во однос на порано“ велат од министерстовот за финансии.
– Одиме и чекор понатаму за поддршка на граѓаните кои планираат да формираат или да го зголемат семејството. Едногодишна субвенција на месечната рата (главнина и камата) во висина од 30% за секое родено или посвоено дете за корисниците на кредитите кои ќе го зголемат семејството во рок од 10 години од добивање на кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“-рече министерот за финансии Тевдовски.
Министерот посочи дека со измените на законот се прецизираат и условите во проектот, со цел истиот да го искористат оние кои навистина имаат потреба од него. Се воведува ограничување на големината на становите и куќите за да се избегне финансирање на луксуз. Наместо максимум „приходите по основ на плата“, се воведува „максимум по основ на вкупни приходи“. Се уредуваат и случаите кога корисниците поседуваат друг недвижен имот или имаат наследство или дар на делови од станбена единици. Сите овие промени се во насока подобро да се таргетираат оние на кои навистина им е потребна помош, како што истакна министерот.
Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски ги поздрави измените и подобрувањето на условите во проектот. Тој ги повика банките кои не се вклучени во проектот, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните.