Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека десетте предлози што ги изнел за ставање крај на војната со Русија се мировна формула не само за Украина, туку и за светот.
– На вашиот форум се разговараше за многу различни теми… Но, колку од нив не зависат од тоа што донесе руската агресија и, за жал, сè уште може да донесе? Малцинство. Затоа, кога Украина нуди формула за мир, тоа е навистина формула за мир не само за нас, туку и за светот, истакна Зеленски во видео обраќањето на форумот Bloomberg New Economy, што се одржува во Сингапур.
Наведувајќи дека утринава десетици руски проектили ја погодиле украинската инфраструктура, Зеленски рече дека Русија се бори против електричната енергија и топлината за луѓето, гаѓајќи ги електраните и енергетските објекти, пренесува Анадолија.
– Ова сега е секојдневие во Украина – поради рускиот терор. Затоа вложуваме толку многу напор за да добиеме модерни системи за противвоздушна и противракетна одбрана од нашите партнери. Плус постојани непријателства на линијата на фронтот во должина од повеќе од илјада километри, додаде Зеленски.
Тој рече дека средствата низ цел свет светот ќе се пренасочуваат кон оружје и одбрана, додека руските напади се зголемуваат, бидејќи земјите ќе сакаат да спречат потенцијално повторување на таквите напади во својата земја.
Зеленски во виртуелното обраќање на самитот на Г-20 во Бали, на почетокот на неделава, претстави 10 предлози на Киев за ставање крај на војната. Меѓу другото, тој побара враќање на територијалниот интегритет на неговата земја, повлекување на руските трупи, ослободување и враќање на заробениците и на депортираните, нуклеарна и енергетска и безбедност на храна.
Извор: МИА