Застрашувачка темна страна на Швајцарија

Од:

Швајцарија првпат јавно се извини на децата кои се до неодамна во центарот на Европа биле третирани како робови. Во јавноста сега се говори и за присилни стерилизации кои се забранети од 2000 година.

Децата како евтина работна сила и денес се голем проблем на човештвото. Ги наоѓаме во темни работилници како шијат евтина облека и чевли за богатите на Запад, или до изнемоштеност работат на плантажи на какао. Тоа се појави кои Западот ги критикува и ги осудува. Меѓутоа, до неодамна, во срцето на цивилизираната Европа, живееле деца кои со државен благослов, биле третирани како робови. Се работи за т.н. Verdingkinder – деца кои државата ги одвојувала од семејствата и ги давала на семејства во кои главно биле користени како евтина работна сила.

Децата како робови во модерна Швајцарија

Швајцарската влада првпат јавно се извини на жртвите на нехуманата социјална политика која ја запечати судбината на многу деца во таа земја.

– Ве молам од се срце во име на швајцарската влада за простување на неправдата и страдањата кои ви биле нанесени. Ова темно поглавје на швајцарската историја не смее да се заборави – рече швајцарската министерка за правда Симонета Сомаруга пред парламентот во Берн во текот на седница посветена на оваа тема. Фактот дека оваа пракса постоела се до 70-тите години од минатиот век, на остатокот од Европа звучи застрашувачки.

Децата од семејства во кои владеел алкохол, негрижа и сиромаштија, или едноставно напуштени деца, биле давани на семејства, главно на село. Меѓутоа, наместо топол дом, често трауматизираните деца биле подложени на присилна работа на полињата, ќотек па дури и силување. Се до 70-тите и 80-тите години од минатиот век, многу конзервативното швајцарско општество (правото на глас на жените е воведено дури во 1971 година), немало претерано слух за страдањето на најслабите. – Тоа било време кога општеството на сиромашните едноставно не го признавало правото на воспитување на родените деца – вели Валтер Квален, претседател на здружението Verdingkinder кое собира околу 150 жртви на оваа нехумана пракса.

Децата во новите семејства биле изложени на глад, физичко и сексуално насилство, секојдневни понижувања: – Овие деца секојдневно растеле со зборовите – Од тебе никогаш нема ништо да стане, ти си неспособен. Ти си едно големо ништо – вели Квален.

Извинувањето на швајцарската држава, чии органи со години спроведувале нехумана пракса, за многу од нив доаѓа предоцна. Серџо де Веки, еден од жртвите, на државата и забележува за долгогодишната нечуствителност на ова прашање. – Не третираа како робови, не како луѓе. И тоа е она што го забележувам на тогаш одговорните политичари – вели де Веки за германската телевизија АРД.

Праксата за искористување на децата како работна сила била многу раширена во Европа се до почетокот на 20 век. Научно се многу добро истражени случаи на т.н. Schwabenkinder, децата од сиромашните алпски предели, главно од Јужен Тирол, кои како робови биле продавани во богатата јужна Германија, каде работеле на селски имоти. Но, никаде праксата за присилно разделување на децата и присилната работа не се задржала толку долго како во Швајцарија.

Присилни стерилизации

Истовремено со проблемот на Verdingkinder Швајцарија се соочува и со еден друг морничав општествен феномен од поновото минато, за присилна стерилизација на граѓаните која властите ја сметале за недостојно размножување. Оваа пракса која се темели на принципи на еугеника, законски е забранета дури во 2000 година!

Многу жртви сега од државата бараат парична помош. Бидејќи по тортурите во детството и ослободувањето со полнолетството, многу од нив не нашле пат во нормалниот живот. Меѓутоа, на политичката сцена, веќе почнала расправија околу тоа кој е финансиски одговорен за исплата на отштетата: државата, кантоните или општините.

Би можело да ве интересира

Швајцарија организира мировна конференција за Украина на 15 и 16 јуни

Шестмина скијачи исчезнаа на швајцарските Алпи

Катерина Ѓуровски

Во Луцерн: Србин ја убил сопругата која сакала да се разведе од него

Швајцарија изгласа воведување тринаесетта пензија

А1он

Убиен e Иранецот кој држеше заложници во Швајцарија

Горан Наумовски

Србинка во Швајцарија паднала од мост висок 30 метри, уапсени се двајца мажи по потекло од Македонија

Горан Наумовски