Поранешниот врховен командант на украинската армија, Валериј Залужни, изјави дека НАТО мора темелно да го преиспита начинот на кој ги води војните, тврдејќи дека Русија веќе пронашла начини да се спротивстави на речиси секое поголемо западно оружје што го користи Украина.
Во разговор со новинари во Киев, Залужни, кој сега ја извршува функцијата амбасадор на Украина во Велика Британија, се обиде да ги појасни спорните изјави дадени претходно оваа недела, кога сугерираше дека Украина „никогаш“ нема да стане членка на НАТО.
Залужни нагласи дека и понатаму е силен поддржувач на Алијансата, потсетувајќи дека уште во 2019 година се залагал вооружените сили на Украина да преминат на НАТО-стандардите, и покрај острите критики со кои тогаш се соочил.
Сепак, тој оцени дека руската инвазија во целосен обем ги разоткрила слабостите на Алијансата.
„Научниот и технолошкиот напредок продолжува. Украина во 2026 година користеше речиси сите видови вооружување, освен ракетите ‘Томахавк’, нуклеарното оружје, носачите на авиони и авионите Ф-35 што се во служба на НАТО“, изјави Залужни.
Според неговата оценка, Русија пронашла противмерки за речиси сè.
Тој истакна и дека војната целосно ја трансформирала украинската армија, која, според него, веќе ја надминува актуелната воена доктрина на НАТО и ја принудува Алијансата да се модернизира.
„Вооружените сили на Украина достигнаа сосема ново ниво. НАТО нема друг избор освен да премине на целосно нови стандарди“, рече Залужни.
„Само тогаш НАТО ќе биде подготвен за пристапувањето на Украина“, додаде поранешниот украински врховен командант, кој беше сменет од функцијата по несогласувањата со претседателот Володимир Зеленски.
Залужни повторно повика и на создавање „целосно нов безбедносен блок“, најверојатно со седиште во Европа, кој би можел да одговори на барањата на современото војување.
Неговите изјави следуваат по бранот критики предизвикан од коментарите дадени на 3 август, кога рече дека Украина „никогаш нема да влезе во НАТО“, бидејќи воените стандарди на Алијансата се засноваат на доктрини што потекнуваат од Втората светска војна.
Украинското Министерство за надворешни работи подоцна соопшти дека неговите изјави биле извадени од контекст и нагласи дека целта на Киев за членство во НАТО останува непроменета.
Залужни беше врховен командант на украинските вооружени сили од 2021 до 2024 година, а сè почесто се споменува како можен кандидат на идните претседателски избори во Украина.
Според пишувањата на „Украинска правда“, тој неодамна му кажал на претседателот Володимир Зеленски дека ќе се кандидира доколку изборите се одржат оваа есен.
