Предмети, кои како „отпадоци“ лебдат низ вселената, се урнале во близината на едно село, во северниот дел на Мјанмар, јавуваат медиумите во оваа земја во Југоисточна Азија.
Паднатите „отпадоци“ се најдени во областа Качин. Тие предизвикале вознемиреност кај локалното население, но засега нема сознанија дека некој настрадал.
Според весникот „Мјанмар Тајмс“ метален предмет, долг 4.5 метри и широк 1,2 метри бил откриен во калта до едно село во овој дел од земјата.
Весникот наведува дека еден друг сличен предмет „пролетал“ над селските куќи и паднал на земјата, предизвикувајќи звуци налик на силна експолозија.
Селаните изјавиле дека веднаш потоа во воздухот на селото се чувствувал мирис на изгорено.
Медиумите и локалното население веруваат дека станува збор за кинески „предмети“ затоа што на нив е најден текст со кинеска азбука.
Се претпоставува дека двата предмета се делови од двата кинески сателити или од моторите на ракетите за лансирање, што биле испратени во вселената во еден ист ден.
Весниците претпоставуваат дека можеби во прашање се и делови од ракети, или мотори на некој авион.
Властите во Мјанмар соопштија дека засега не може да објаснат за што станува збор, ниту пак да потврдат дека постои врска меѓу паднатите „вселенски„ предмети и двата лансирани сателити во Кина.