Со маски и социјално дистанцирање, гимназијалците од завршните класови денеска се вратија во училиштата во Вухан, кинескиот град каде што започна епидемијата „Ковид-19“ кон крајот на минатата година, по што се прошири низ целиот свет.
По четири месеци, во училишни униформи, тие се вратија со маски на лицето, а пред влез поминуваат низ инфрацрвени камери за да се детектира евентуална температура.
Локалните власти треба да ја одредат датата за враќање на учениците од другите класови и на основците.
Во останатите делови на Кина учениците се враќаат постепено по региони. Во метрополите Пекинг и Шангај само матурантите се вратија минатата недела, бидејќи треба да полагаат матура, која во целата земја е закажана за почетокот на јули, наместо еден месец порано.
Вухан и провинцијата Хубеј, кои беа најтешко погодени со вирусот, постепено се враќаат во нормала, откако на 8 април беше укинат карантинот во градот.
Во последните недели значително е намален бројот на новозаразени, а не е пријавен ниту еден смртен случај.
Вкупниот број заразени со Ковид-19 во Кина изнесува 82.883, а 4.633 се починати.
Голем број Кинези искористија одмор од пет дена за празникот 1 Мај. Во земјата имаше 115 милиони патници низ бројните туристички дестинации кои се отворени, меѓу кои и Забранетиот град во Пекинг.
Дизниленд во Шангај ќе биде отворен следната недела.
Сепак, на странците се уште им забранет влез во Кина, а Кинезите кои се враќаат во земјата треба да одат во карантин 14 дена.