Претставниците на Парламентот, базиран во источна Либија и на Владата во Триполи синоќа се сретнаа во Тунис, со што започна првата фаза од преговорите за Либија со посредништво на ОН.
Специјалниот пратеник на ОН Гасан Саламе, по повод ситуацијата во земјата, изјави дека во 2018 година би требало во Либија да бидат спроведени парламентарни и претседателски избори.
Саламе даде временски интервал за помирување меѓу спротивставените страни, посочувајќи дека, договорот што беше потпишан од нивна страна во 2015 година, ќе претрпи три или четири корекции.
Тој изрази надеж дека во текот на наредната недела работата во однос на тоа прашање ќе биде завршена и оти со тоа, следниот месец, ќе биде отворен патот за свикување на либиска конференција каде ќе присуствуваат сите ривалски страни.
Саламе посочи дека законодавството за изборите во Либија ќе биде изработено во текот на наредната пролет.
Во јули, ривалските либиски влади, Фајез Сараџ и Халифа Хафтар, се сретнаа во Париз, каде се договорија во „најскоро“ време да бидат спроведени парлементарни и претседателски избори, но не го прецизираа конкретниот датум. Саламе исто така присуствуваше на тие преговори.