Русија ги отстрани ознаките „државна тајна“ од голем број документи за состаноците на највисоките раководители на Советскиот Сојуз и Југославија. Според раководителот на Федералната архивска агенција на Руската Федерација, Андреј Артизов, токму тие документи ќе откријат една поинаква вистина од онаа што ја знаеме и ќе бидат основа за нова историја, пренесе „Новости“.
Аризов минатата недела го посети Белград, поради промоција на првиот том зборници на декласифицирани документи за средбите на челниците на Југославија и Советскиот Сојуз од Втората светска војна, до распадот на двете држави. Станува збор за заеднички проект на југословенката архива, Федералната архивска агенција на Руската Федрација, руската државна архива за нова историја и Институтот за славистика на Руската академија на науките.
-Кога пред три години го замисливме проектот не очекувавме дека ќе добиеме вакви квалитетни резултати- рече Артизов на промоција на првиот том зборници, во кои се претставени досега непознати документи за југословенко-советското помирување по смртта на Сталин.
Тој додаде дека го прашуваат дали е случајност што сега кога српските и руските раководители потпишаа важни економски договори, тие ја прават презентацијата за средбите помеѓу Тито и Хрушчов.
За „Новости“, Артизов открива зошто дури сега руските архиви ги изнесуваат на виделина тајните кои се однесуваат на Србија, Југославија и Балкан иако и Русија е една од клучните држави за судбина на балканските народи.
Битка помеѓу блоковите за Југославија
Првиот том на зборниците насловени „Средби и разговори на највисоките раководители на Југославија и СССР, 1946-1964“, откриваат што зборувал советскиот претседател со своите соработници од Централниот комитет по „смирувачката“ посета.
-Денес се води борба за Југославија. Не е случајност што Американците одлучија да продолжат да и даваат помош на Југославија, без оглед на чекорите што ги направи за зближување со Советскиот Сојуз. Американците се надеваат дека Југославија повторно ќе ни се спротивстави, со што би се создала добра атмосфера за вовлекување на државата во блок против Советскиот Сојуз- предупредил Хрушчов.
Како што вели Артизов архивските документи не биле достапни до 1991 година, бидејќи тогаш не постоела Русија, туку Советскиот Сојуз, со друга власт и потполно поинаков пристап за достапност до документацијата. Во текот на последниве дваесет години, другата власт декласифицирала дури 98 проценти од документите во јавните архиви. Артизов прави паралела помеѓу Тито и поранешниот шеф на КГБ, Јуриј Андропов и додава дека според јавното мислење луѓето треба да се гордеат со нив. На новинарското прашање дали руските архиви можат да дадат одговор, кој всушност бил претседателот на СФРЈ и зошто суперсилите биле толерантни за однесувањето на лидерот на малата држава, Артизов вели дека Тито бил култ и личност.
-Одговорот е едноставен, во тоа време немало униполарен свет, туку биполарен со два системи еден спроти друг, во чии рамки постоел простор во кој можело да се маневрира. Тито ја искористил можноста за развој на својата држава и добил и од Исток и од Запад . Тоа било неговата политика. Економската состојба во тогашна СФРЈ била задоволителна-вели тој.
Е. Г.