Индонезиските истражувачи го претставија апаратот кој преку здивот на пациентот, за неколку минути открива дали едно лице е инфицирано со коронавирусот.
-Министерството за здравство на Индонезија на 24 декември му издаде дозвола за дистрибуција на уредот „GeNose C19“ што наскоро ќе почне масовно да се произведува, изјави денеска министерот за истражување и технологија Бамбанг Бродјонегоро.
„Ќе го произведуваме уредот за јавна употреба, за економските активности да можат непречено да се одвиваат, истовремено спречувајќи го пренесувањето на потенцијалниот вирус“, додаде Бамбанг на виртуелна прес-конференција.
Истражувачки тим од универзитетот „Гаџа Мада“ го развиваше „GeNose C19“ во последните девет месеци, додаде тој.
Направата се користи слично како алко-тестовите кои ги има полицијата – пациентот дува во посебен отвор одредено време, по што примерокот се анализира две до три минути. Бамбанг кажа дека овој уред ќе се користи само како почетна, брза дијагностичка метода, а инфекцијата понатаму ќе се потврдува со ПЦР тестови.