Белгискиот кризен штаб за Ковид-19 на прес конференција соопшти дека се очекува сојот омикрон на коронавирусот да стане доминантен во јануари или февруари, јави дописничката на МИА од Брисел.
Портпаролот на кризниот штаб, Стивен Вангихт, изјави дека за сега во Белгија омикрон сојот претставува еден до два отсто од сите заболени од Ковид-19 но дека во текот на јануари или февруари 2022 сојот би можел да стане доминантен во државата.
Според податоците на здравствените власти, новиот сој се појавил преку патници кои се вратиле од Египет, Турција, Дубаи и Чешка од една страна. Од друга сојот е детектиран во едно училиште во Белгија каде не е идентификувано ниедно патување надвор од државата.
Состојбата со Ковид-19 не се подобрува значително, иако е регистриран благ пад на нови хоспитализации. Меѓутоа има пораст на бројот на заболени на интензивна нега како и на бројот на починати. Намален е и бројот на новозаразени со Ковид-19 за седум отсто.