Туниските сили за безбедност ликвидирале 49 борци на Исламска држава во текот на операцијата за борба со тероризмот во тунискиот град Бен Гердан, во близина на границата со Либија, додека деветмина биле приведени. Оваа информација денеска ја објавија туниските министерства за внатрешни работи и за национална одбрана во заедничко соопштение, цитирано од ТАСС.
„Во заедничките специјализирани операции за борба со тероризмот убиени се вкупно 49 терористи, додека деветмина се приведени. Освен тоа, туниските сили за безбедност открија големо количество оружје и муниција“, се забележува во соопштението.
-Ситуацијата во Бен Гердан постепено се стабилизира, но силите за безбедност и војската остануваат во борбена готовност. Наставата во училиштата е откажана од безбедносни причини, посочи вчера шефот на прес службата на туниското Министерство за национална одбрана потполковник Белхасен Веслати.
Група борци на терористичката група Исламска држава во понеделеникот утрината ја минале туниско-либиската граница и нападнале позиции и касарни на националната гарда во Бен Гердан. Во нападот загинаа седумммина цивили и 13 припадници на силите за безбедност, а 19 беа ранети, забележува ТАСС.