(ВИДЕО) Тројца Американци се мртви, 30 повредени во напад на база во Јордан: Ќе одговориме порача Бајден

Од:

Тројца американски војници загинаа, а повеќе од 30 се ранети во напад со беспилотно летало на помала американска база во Јордан, позната како Кула 22, објави американскиот претседател Џо Бајден. Тоа е првпат американски војници да бидат убиени од непријателски оган на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа.

Ова е значајна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини „радикалните милитантни групи поддржани од Иран“ за нападот. Тој додаде: „Оние кои се одговорни за нападот ќе одговараат во време и на начин што ние ќе го избереме“.

Неколку американски сенатори повикаа на силен одговор на нападот, а некои сугерираат дека целите во Иран, кои тие го гледаат како главен виновник за смртта на американските војници, треба да бидат директно погодени. Тие сметаат дека нападот во Јордан ја преминал т.н „црвена линија“, односно дека е дојдена точка каде што е неизбежен жесток одговор.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека е бесен, додавајќи дека „нема да толерира“ напади врз американските сили.

Иранската мисија во Обединетите нации денеска соопшти дека Техеран не бил вклучен во нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца припадници на американската војска.

Во соопштението објавено од државната новинска агенција ИРНА, мисијата рече дека Иран нема никаква врска со нападот на американската база. Тие исто така додаваат дека „постои конфликт меѓу американските сили и групите на отпорот во регионот, кои возвраќаат на нападите“.

Кулата 22 се наоѓа на стратешки важна локација, на крајниот североисток на Јордан, блиску до границите со Сирија и Ирак.

Јавноста знае малку за базата. Се наоѓа во близина на поголемата база Ал Танф, која се наоѓа во Сирија, а таму се стационирани мал број американски војници. Танф беше клучен во борбата против Исламската држава и презеде улога како дел од стратегијата на САД за задржување на акумулацијата на иранските сили во источна Сирија.

Кулата 22 е доволно блиску до американските сили во Танф за да може потенцијално да им помогне, а истовремено потенцијално да се спротивстави на милитантите поддржани од Иран во областа и да им дозволи на своите сили да ги надгледуваат остатоците од Исламска држава во регионот.

Нејасно е колку американски војници се стационирани во Кулата 22. Не се знае какво оружје поседуваат и каква противвоздушна одбрана располагаат. Она што е познато е дека противвоздушната одбрана не успеала да го запре борбениот дрон, во чија експлозија загинаа тројца војници, а повеќе од 30 се ранети.

Јордан го осуди „терористичкиот напад“ долж границата со Сирија, пренесува Ројтерс. Во кусото соопштение на јорданската влада се додава дека Јордан соработува со САД во обезбедувањето на границата и борбата против тероризмот.

Клучното прашање по смртоносниот напад на американската база е како Вашингтон ќе одговори. „Знаеме дека тоа е извршено од радикални милитантни групи поддржани од Иран и кои дејствуваат во Сирија и Ирак“, рече претседателот Бајден во изјавата, а потоа додаде: „Нема сомнеж – ќе бараме одговорност од сите виновници во исто време и во начин по наш избор“.

Од почетокот на израелската војна против Хамас во Газа, како одговор на нападите на Хамас во Израел на 7 октомври, американските бази во Ирак и Сирија биле нападнати повеќе од 150 пати, велат американските власти. САД ги обвинија групите поддржани од Иран за нападите, кои се сметаат за одмазда за поддршката на Вашингтон за Израел во војната.

Последниот напад доаѓа додека насилството се шири низ Блискиот Исток по војната во Газа, во кое се вклучени фракции поддржани од Иран. САД, заедно со Велика Британија и другите сојузници, ги нападнаа Хутите во Јемен како одговор на нивните напади врз трговски бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Во Либан, моќното движење Хезболах и израелската армија речиси секојдневно разменуваат оган преку границата, поттикнувајќи ги стравувањата од ширење на конфликтот. Досега борбите беа ограничени, но дури и една погрешна проценка може да биде многу ризична.

Би можело да ве интересира

Групата Исламски отпор ја презеде одговорноста за нападот на американската база

Трамп: Да бев јас претседател ќе беше мир во целиот свет

Нападната американската војска: Најмалку 3 војници загинаа, 25 се ранети

Хезболах со дронови нападна американска база во Ирак, САД возвратија

Американската воена база во Ирак нападната со дронови

Египет и Јордан бараат итен прекин на огнот, за САД тоа само ќе го остави Хамас на власт