Велика Британија, Германија, големи делови од Европа се соочуваат со огромни проблеми во авио и железничкиот сообраќај поради снегот и исклучителн ниските темеператури. Од Британија до Скандинавија, снежните врнежи и ледениот дожд значително ја влошија ситуацијата во инфраструктурата и сообраќајот.
Во Германија, стотици летови беа откажани на главните аеродроми. Во Франкфурт се откажани 120 летови од вкупно 1.090 планирани, а во Минхен – 35. „Одмрзнувањето на авионите и чистењето на пистите траат подолго, а слабата видливост го отежнува авионскиот сообраќај“, соопштија аеродромските служби.
Британските аеродроми, меѓу кои и тие во Ливерпул и Манчестер, беа привремено затворени, додека Бирмингам прекина со работа на неколку часа. Многу рурални области се отсечени. Прекини во снабдувањето со струја погодија повеќе градови, вклучувајќи ги Бирмингам, Бристол и Кардиф.
На северот, Скандинавија се подготвува за екстремно снежно невреме кое може да донесе и до 80 сантиметри снег во јужна Норвешка и централна Шведска, зголемувајќи го ризикот од лавини.
Сателитските снимки го следат развојот на бурата, која од Атлантикот се движи кон Северното Море и јужна Скандинавија. Метеоролозите предупредуваат дека временските неприлики ќе продолжат во наредните денови.