ВИДЕО: Расте бројот на жртви во земјотресот во Колумбија, спасувачите трагаат по заробени во урнатините

Од:

Најмалку 132 лица загинаа во Колумбија по еден од најсилните земјотреси што ја погодија земјата во последните години. Властите прогласија состојба на национална катастрофа, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по луѓе кои заробени под урнатините. Се стравува дека бројот на жртви може дополнително да расте.

Според податоците на колумбиската геолошка служба, земјотресот со магнитуда од 7,4 степени се случи во понеделникот во 7:34 часот по локално време, на длабочина од 103 километри, во областа Чоко. Силното тресење било почувствувано на големо подрачје во западниот дел на Колумбија.

Најголем број жртви се регистрирани во Переира, град познат по регионот за производство на кафе. Загинати и повредени има и во околните градови, како и во областа Вале дел Каука. Според Колумбиското здружение на главни градови, повеќе од 480 лица се повредени.

Епицентарот бил лоциран во близина на селото Сан Хозе дел Палмар во областа Чоко. Градоначалникот Леон Фабио Марин Монкада изјавил дека во самото село нема загинати или повредени, но пристапните патишта се оштетени.

Переира, кој се наоѓа на околу 55 километри од епицентарот, претрпе сериозни оштетувања. На снимките од централниот плоштад Плаза Боливар се гледа дека најмалку една зграда се урнала.

Плоштадот, каде што во моментот на земјотресот имало голем број луѓе, бил прекриен со прашина и градежен материјал. Локалните власти потврдија најмалку 40 жртви на поширокото подрачје на градот, каде што се урнале 65 објекти.

Спасувачите се сомневаат дека во 15 од урнатите објекти сè уште има заробени лица.

Во Кали, град оддалечен околу 200 километри од епицентарот, се урнале 32 згради.

Жртви се регистрирани и во Манизалес, Кибдо и Меделин. Во Манизалес загинале најмалку две лица.

Колумбиските власти потврдија дека се оштетени регионалните аеродроми во Переира, Манизалес, Кибдо, Арменија, Картаго и Буенавентура.

Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Богота, каде што се треселе дрвја и семафори. Пријавени се пукнатини на некои објекти, но засега нема информации за поголема инфраструктурна штета.

Тресење било почувствувано и во соседните држави Венецуела, Еквадор и Панама.

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела прогласи состојба на национална катастрофа, со што доби дополнителни овластувања за справување со последиците, вклучително и прераспределба на буџетски средства.

Претседателот соопшти дека се оштетени повеќе од 1.500 домови.

Помош за Колумбија понудија и повеќе странски држави. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ја следат ситуацијата и се подготвени да помогнат.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека сателитскиот систем „Коперникус“ е активиран за да помогне во спасувачките операции.

И претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, изрази солидарност со колумбискиот народ и понуди спасувачки тимови и опрема.

Американскиот геолошки институт (USGS) проценува дека земјотресот, со интензитет близу седум степени, го почувствувале околу 1,5 милиони луѓе.

Од USGS објаснуваат дека длабоките земјотреси, каков што бил овој, генерално се помалку опасни од плитките, но и тие можат да предизвикаат сериозни оштетувања. Можно е да следуваат и дополнителни, поретки, но силни последователни потреси.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Прогласена национална катастрофа во Колумбија: Најмалку 80 загинати во силниот земјотрес

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Луѓе заробени под урнатините во Колумбија, во Кали се урнаа најмалку 20 згради

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Силен земјотрес од 7,4 степени ја погоди Колумбија, има жртви и повредени

Предраг Петровиќ

Нова безбедносна поддршка од САД за Колумбија вредна милијарда долари

Швајцарија ја победи Колумбија на пенали

(ВИДЕО) Воен авион со 110 војници се урна во Колумбија

А1он