Техеран тајно ги предупреди американските сојузници на Блискиот Исток за последиците доколку нивните територии или воздушен простор се користат за напад на Иран. Тие закани ги поттикнаа богатите арапски држави да им кажат на САД дека нема да учествуваат во нападот.
Израел му се закани на Техеран со жестока одмазда откако Иран истрела околу 180 балистички проектили врз Израел на почетокот на овој месец, а некои израелски официјални лица и аналитичари повикуваат на разорни напади врз иранските нуклеарни постројки или нафтената инфраструктура. Во тој случај, Иран предупреди преку тајни канали дека ќе одговори со разорни удари врз израелската цивилна инфраструктура и ќе возврати на секоја арапска држава што го олесни нападот, велат арапските власти во извештајот на Волстрит журнал.
Арапските официјални лица, според WSJ, рекоа дека земјите што Иран ги таргетирал преку дипломатски канали ги вклучуваат Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар – сите земји што се домаќини на американски војници. Тие земји ја информираа администрацијата на Бајден дека не сакаат нивната воена инфраструктура или воздушен простор да се користат од САД или Израел за какви било офанзивни операции против Иран, рекоа официјалните лица.
Iran missiles hit Tel Aviv. They must be ballistic missiles as they took minutes to get from Iran to Israel. They have also breached Israeli air defence. pic.twitter.com/WuEB5Bga4j
— Peter Flint (@ShodanSuper) October 1, 2024
Растечкиот конфликт на Блискиот Исток го тестира сојузот меѓу Израел и арапските држави кои се противат на воената позиција на Иран во регионот. САД се столбот на оваа алијанса и се надеваат дека во иднина би можеле да создадат своевидно блискоисточно НАТО, насочено кон соочување со Иран. Арапските држави, вклучително и Јордан, помогнаа во соборувањето на иранските ракети лансирани кон Израел во април, но поддршката за директен израелски напад врз Иран можеби е чекор предалеку.
Американските одбранбени претставници признаа дека некои регионални партнери го информирале Пентагон дека не сакаат израелски воени авиони да летаат над нивните територии или американските сили да започнат офанзивни операции од или над нивниот воздушен простор. Арапските земји рекоа дека на американските сили ќе им биде дозволено само да спроведуваат операции за самоодбрана.
Барањата на арапските земји засега се неформални, изјави претставник на американската одбрана. Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа минатата година, арапските земји постојано додаваат и отстрануваат ограничувања за операциите на САД, велат претставници на одбраната. Но, овие земји сега се многу порешителни во своите барања бидејќи војната се прошири и на конфликти меѓу Израел и Иран.
Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за очекуваната израелска воена одмазда против Иран во средата, во нивниот прв разговор од 21 август. Американските власти рекоа дека се уште немаат информации за времето на нападот или за целите што Израел би можел да ги нападне. Безбедносниот кабинет на Израел заседава денеска, а членовите ќе бидат информирани за опциите за одговор на ирански напад, изјави израелски претставник.
Израел најверојатно има други рути за испраќање воени авиони да го нападнат Иран, вклучително и над Сирија, каде што неговите воздушни сили имаат слобода на движење, и Ирак, каде што противвоздушната одбрана е немоќнаво однос на израелската стелт технологија.
Сепак, какви било ограничувања на движењето на американската војска во регионот може да ја отежнат заштитата или снабдувањето со нејзините ресурси, како што се носачите на авиони во Црвеното Море.
Претходно овој месец, мисијата на Иран во Обединетите нации јавно предупреди дека секоја земја што ќе обезбеди помош за израелски напад, исто така, ќе се смета за соучесник и легитимна цел, но не даде дополнителни детали.
Овие заканувачки пораки ги нагласуваат ризиците за САД доколку конфликтот меѓу Израел и Иран излезе од контрола. Американските власти соопштија дека го зајакнуваат своето воено присуство во регионот, вклучително и зголемување на бројот на воени авиони распоредени на Блискиот исток и задржување на борбената група на носачи на авиони Абрахам Линколн во регионот.