Силниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари предизвика многу разурнувања како и голем број жртви. Сепак, во смртоносниот земјотрес, животот го најде својот пат. Додека зградите се уриваа како кули од карти, се роди мало девојче кое пркоси на катастрофата и пеколот што се ширеше околу неа.
Целото нејзино семејство загина кога нивната куќа се урнала по земјотресот. Нејзините роднини и соседи ја нашле под урнатините, врзана за нејзината мајка за папочната врвца.
Кога ја извлекле од урнатините, веднаш била префрлена во болница, каде што лекарите и го дале името Аја, што на арапски значи „чудо“ и „дар од Бога“. Откако закрепна во болница, таа беше посвоена од нејзината тетка, која реши да го смени името и да ја нарекува Афра по нејзината мајка.
Во меѓувреме, Афра наполни 40 дена и сега живее со своето ново семејство. Нејзината 31-годишна тетка Хала и нивните деца сега заедно се грижат за малата Афра и моментално живеат во шатор во сириски камп, бидејќи нивната куќа исто така e уништена за време на земјотресот.
Новинарите на Ал Џезира го посетија семејството во шаторот на денот кога малата Афра наполни 40 дена.
Сопругот на Халa, Халил се присети дека бил буден кобниот ден кога земјотрес го погодил делот од земјата каде што живеат. Тој ден кај нив бил неговиот 26-годишен зет, кому по вечерата му предложил да остане и да преноќи кај нив.
Кога го почувствува првиот земјотрес, вели дека слушнал силен звук. Веднаш му било јасно дека куќата на неговите роднини се урна. Кога истрча надвор, неговите стравови се остварија. Почнал да копа прво со рацете, а потоа и со алат што му го позајмил пријател. Во еден момент некој дошол до него и му рекол дека пронашле тело на жена и дека треба да дојде со нив да се обиде да ја идентификува.
Кога препознал дека тоа е сопругата на неговиот братучед, а потоа слушнал звуци под урнатините. Отпрвин мислел дека неговиот втор братучед е жив, а потоа сфатил дека е бебе кое плаче.
Набрзо успеале да тргнат дел од урнатините и го пронашле бебето кое за папочната врвца било врзано за мајката, која за жал не била жива.
Халил го држел бебето во раце, додека друго лице истрчало да земе нож и да ја пресече папочната врвца.
„Тогаш веќе знаев дека никој друг од нејзиното семејство не е жив и веднаш го зедов бебето и отидов со неа во воената болница за да се обидам барем да ја спасам. Мојата сопруга се породи два дена подоцна. Поради тоа не можеше да дојде со мене, па наместо тоа отиде нашиот сосед“, се сеќава тој.
Тој вели дека од болницата им рекле дека бебето изгледа добро и дека треба да најдат жена која може да го дои.
„Отидовме во градот Африн каде во болницата имаше лекар кој цело време се грижеше за неа. Таму се грижеа за неа додека не излезе од болницата“, вели тетката на бебето.
Тетка Хала раскажа како била Афра кога пристигнала во болница.
„Имаше три скршени ребра и прашина во белите дробови бидејќи се роди под урнатините. Ја носиме во болница на редовни прегледи, но генерално е добро. Ги дојам двете девојчиња. Никогаш не би се откажала од Афра. Таа ми е братучетка, таа е моја крв. Многумина сакаа да ја посвојат, но ние не дозволивме. Ќе се грижиме за неа како да е наше дете“, вели Хала.
Халил се согласува со жената и вели дека никогаш нема да ја одвои од своите деца.
“Многу ги сакав нашите роднини. Ќе се грижиме за нивната ќерка како да е наша. Разговарав со другите баба и дедо и тие ни дадоа благослов да ја посвоиме”, рече тетката на Афра.
Во шаторот во кој сега живеат сите се грижат за малото девојче, а неодамна таа повторно беше во болница бидејќи имаше проблеми со дишењето.
„Бев среќна кога моите родители ја донесоа Афра дома. Таа е моја братучетка“, рече осумгодишната ќерка на Хала и Халил, Доа.
Таа вели дека и недостасуваат и нејзините други роднини, постарите браќа и сестри на Афра кои загинаа под урнатините.
„Кога би можела да изберам кое бебе ми е омилено, би ја одбрала Афра, таа е спомен на мојот вујко“, изјавила Доа.