(ВИДЕО) Израел тврди дека има снимка од шефот на Хамас: бега низ тунел со жената и децата

Од:

Војската на Израел објави видео на кое наводно се гледа лидерот на Хамас Јахја Синвар во тунел под градот Кан Јунис во јужна Газа. На видеото се и неговата сопруга, децата и братот Ибрахим. Израел јавно го обвини Синвар дека е главниот организатор на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Објавувајќи го видеото на својата редовна прес-конференција, портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари рече дека видеото е снимено од надзорна камера на Хамас на 10 октомври и дека ИДФ го добила неодамна.

„Избега под земја со семејството во еден од безбедните сместувачки комплекси што ги изгради претходно“, истакна Хагари. Тој додаде дека снимката е „резултат на ловот“ на Синвар и дека „ловот нема да престане додека не биде фатен, мртов или жив“.

Израелската војска го прогласи Синвар за „мртовец кој оди“, кој постојано го нарекуваше Касапот на Кан Јунис, поради неговата наводна улога во планирањето на нападот на 7 октомври. Во декември, израелските сили ја опколија неговата куќа, но не го најдоа.

Уште тогаш се зборуваше дека најверојатно се криел под земја. Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави потоа дека „прашање на време е кога ќе биде фатен“. Сепак, Синвар сè уште е во бегство, и покрај интензивните израелски напади врз Кан Јунис, неговиот роден град.

Израелците објавија и друга снимка за која велат дека се прикажани нивните сили во делот на тунелите на Хамас каде што се верува дека се криел Синвар. На видеото, војник чие лице е заматено вели дека се наоѓаат во „главното скривалиште“ на Синвар и тврди дека лидерот на Хамас бил таму „неодамна“.

На снимката се гледаат и бањата, кујната и спалните соби, а војникот вели дека пронашле „милиони шекели и долари во сефот“. „Тие побегнаа кога слушнаа дека ИДФ им се приближува. Знаеа дека доаѓаме, па побегнаа“, додава војникот.

Инаку, Синвар беше одговорен за здружување на военото крило на Хамас пред да воспостави важни нови врски со регионалните арапски сили како цивилен и политички лидер на групата. Тој беше избран во главното тело за одлучување на Хамас, Политбирото, во 2017 година за политички лидер на огранокот на Хамас во Газа, пишува Си-Ен-Ен.

Оттогаш тој стана де факто лидер на Политбирото, според истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Од 2015 година е прогласен за глобален терорист од американскиот Стејт департмент, а неодамна е санкциониран од Велика Британија и Франција.

Би можело да ве интересира

Ганц: Нетанјаху го одби советот порано да влезе во Рафах

Горан Наумовски

Израел: Демонстрантите бараат итен договор за заложниците

Пронајдено телото на Шани Лук

Предраг Петровиќ

13 земји испратија предупредувачко писмо до Израел

Катерина Ѓуровски

Израел мора да увезе повеќе од 300.000 странски работници поради војната во Газа

Вашингтон му нуди на Израел разузнавачки информации за лидерите на Хамас во замена за откажување од нападите врз Рафах