ВИДЕО: Итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради упадот на руски авиони во Естонија

Од:

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи итен состанок за да разговара за упадите на руските авиони во естонскиот воздушен простор, потврдија естонските и ОН претставници.

Естонија побара итна седница откако три руски борбени авиони МиГ-31 влегоа во нејзиниот воздушен простор над Финскиот Залив без дозвола во петокот, каде што останаа 12 минути пред да бидат пресретнати од НАТО, пишува CNN.

Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахна, во неделата на социјалната мрежа X изјави дека дејствијата на Русија „ги поткопуваат принципите кои се клучни за безбедноста на сите земји-членки на ОН“. „Кога вакви дејствија ги извршува постојана членка на Советот за безбедност, тие мора да бидат решени од токму тоа тело“, напиша Цахна.

Според естонското Министерство за надворешни работи, се очекува Советот за безбедност да разговара за она што тие го нарекуваат „бесрамно, неодговорно и флагрантно кршење на воздушниот простор на НАТО“ и „повторено кршење на меѓународното право“ од страна на Русија.

Руското Министерство за одбрана, од друга страна, негираше дека неговите авиони влегле во естонскиот воздушен простор, велејќи дека летовите биле спроведени „во строга согласност со меѓународните правила“. Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, потврди дека е закажан итен состанок за понеделник во 10 часот наутро по источно време (ET).

Украина, исто така, побара да присуствува на состанокот за да го презентира својот став. Барањето беше упатено до Република Кореја, која моментално претседава со советот. „Првпат по 34 години, Естонија побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на X. „Ова го покажува невидениот обем на заканата што агресивната Русија ја претставува за стабилноста на Европа“.

По нарушувањето на воздушниот простор, Естонија, исто така, побара консултации според Член 4 на НАТО, механизам што ѝ овозможува на земја-членка формално да го покрене прашањето пред главното политичко тело на алијансата.

Се очекува состанокот да се одржи оваа недела. Така, Естонија стана втората членка на НАТО што побара консултации според Член 4 во последните денови, откако Полска го стори тоа минатата недела поради влегувањето на неколку руски беспилотни летала и борбени авиони во нејзиниот воздушен простор.

Покрај тоа, шведските и германските сили во неделата објавија дека нивните борбени авиони JAS 39 Gripen и Eurofighter биле подигнати над јужниот дел на Балтичкото Море за да идентификуваат и следат руски извидувачки авион ИЛ-20 кој летал во меѓународен воздушен простор без план за лет или радио контакт.

Би можело да ве интересира

Путин: Подготвени сме воено да му возвратиме на Западот

Ќе ги собoруваме леталата во полскиот воздушен простор, вели Доналд Туск

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Украина првпат погоди руски воени хидроавиони на Крим

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Франција ја признава Палестина, Макрон организира самит, САД и Израел бојкотираат

Катерина Ѓуровски

Певкур: Подготвени сме да се одбраниме од Русија заедно со нашите сојузници од НАТО

Авиони на НАТО пресретнаа руски авион над Балтичкото Море