Погребот на британската кралица Елизабета Втора, на кој ќе присуствуваат 500 функционери, цареви, кралеви, кралици, претседатели, премиери и други лидери од целиот свет, како и очекуваните стотици илјади граѓани кои ќе се соберат во центарот на Лондон, претставува „невиден безбедносен предизвик“, изјави градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
Тој истакна дека со децении немало толку многу светски лидери на едно место и дека се работи на различни нивоа за да се обезбеди државниот погреб да биде успешен колку што може.
Помошникот комесар на лондонската полиција Стјуарт Канди рече дека станува збор за „исклучително сложена“ полициска операција, најголема во историјата на лондонските полициски сили, поголема од Олимписките игри во Лондон во 2012 година.
Повеќе од 10.000 полицајци ќе бидат на должност, а ќе бидат засилени од лондонските улични полицајци, како и полицајци од сите 43 полициски постави во Британија. Ќе има и стотици доброволци и припадници на вооружените сили кои ќе ја гарантираат безбедноста по патеката на погребната поворка.
Ова е само видливиот дел од мерките за безбедност, додека во понеделник ќе има полиција на покривите, кучиња на улиците и припадници на поморските сили на Темза, како и полиција на коњи.
Употребата на дронови над центарот на Лондон е привремено забранета, а аеродромот „Хитроу“ ќе приземји десетици летови за да се спречи бучавата да ја наруши погребната служба.
Властите се соочени со предизвикот да се чуваат безбедни 500 светски лидери. Сите официјални претставници освен американскиот претседател Џо Бајден ќе бидат превезени со луксузни автобуси. Бајден ќе пристигне со својата блиндирана лимузина наречена „Ѕвер“.
Друг предизвик е големиот број луѓе што се очекуваат околу Вестминстерската палата и по должината на рутата по која ќе се движи ковчегот, покрај Бакингемската палата и Хајд Парк. Оттаму со специјален автомобил ќе биде пренесен на околу 30 километри до Виндзор каде што ќе дежураат уште околу 2.000 полицајци.
Полицијата постави повеќе од 36 километри ограда во центарот на Лондон за да ја контролира толпата, а ќе бидат засилени и метрото и железницата. Во центарот на Лондон се очекува да се соберат околу еден милион луѓе.
Кралицата ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ во Виндзор покрај нејзиниот сопруг принцот Филип.
Ковчегот со телото на кралицата ќе се премести од зградата на Парламентот во Вестминстер во блиската Вестминстерска палата од 10.45 часот по локално време (11.45 часот по средноевропско време). Службата започнува во 11:00 часот, односно напладне по средноевропско време и ќе трае еден час.
Покрај надбискупот од Кентербери, ќе говори и британската премиерка Лиз Трас и претставници на други верски конфесии.
По богослужбата, ковчегот ќе биде превезен со кочија низ Лондон, во придружба на семејството до Велингтон Арх, поминувајќи покрај Бакингемската палата. На крајот, ковчегот ќе биде префрлен од кочијата во специјално дизајниран автомобил кој со малку поголема брзина ќе го однесе до замокот Виндзор, каде што ќе се изврши погребот. Возењето низ Лондон до Виндзор ќе трае околу четири часа.
Опелото во Виндзор ќе започне околу 16 часот и на него ќе присуствуваат само најблиските членови на семејството.