Американските сили денеска се повлекоа од преостанатите бази во Ирак, со што заврши нивното воено присуство во земјата, а потегот отвори прашања за можен безбедносен вакуум што би можеле да го искористат проиранските милиции и Исламската држава.
Повлекувањето беше договорено во 2024 година, за време на мандатот на американскиот претседател Џо Бајден, а е спроведено во мандатот на Доналд Трамп. Иран и неговите сојузници го поздравија заминувањето на американските сили.
До повлекувањето доаѓа 23 години откако американските сили го соборија ирачкиот претседател Садам Хусеин. По инвазијата во 2003 година следуваа бунт и долгогодишен конфликт, во период во кој се создадоа услови за појава на Исламската држава.
Иако заминувањето на американските војници е популарно меѓу дел од Ирачаните, постојат стравувања дека ирачките безбедносни сили, кои беа финансирани и обучувани од САД, можеби немаат доволно капацитет самостојно да ја гарантираат безбедноста во земјата.
Во повеќе од две децении војна во Ирак загинаа околу 4.500 американски војници.
Американските сили го нападнаа Ирак во 2003 година и воспоставија воена окупација, по што следуваа борби против приврзаниците на Садам Хусеин, а потоа и против Ал Каеда. Американската војска се повлече кон крајот на 2011 година.
Три години подоцна, американските сили се вратија во Ирак за да им помогнат на ирачките безбедносни сили во борбата против сунитската Исламска држава. Војната против групата траеше од 2014 до 2017 година.
Во операцијата „Ирачка слобода“ загинаа двојно повеќе Американци отколку во војната во Авганистан, од каде што американската војска се повлече во 2021 година.
