Последните американски сили до 30 септември треба да ги напуштат своите бази во Ирак, со што завршува военото присуство на САД кое започна со инвазијата во 2003 година, во која животот го загубија околу 4.500 американски војници.
Повлекувањето е резултат на договор постигнат во 2024 година за време на администрацијата на тогашниот претседател Џо Бајден, а го спроведува администрацијата на Доналд Трамп, додека Вашингтон истовремено води војна против Иран.
Заминувањето на американските војници претставува крај на долгогодишното присуство на САД во Ирак, кое во значителна мера служеше и како противтежа на влијанието на Техеран.
„На 30 септември ќе прославиме свртување на црната страница во историјата на Ирак и неуспех на окупацијата да ја наметне својата волја на нашата земја“, изјави за Ројтерс Абу Мојтаба ал-Јасири, командант на Исламскиот отпор во Ирак, организација поддржана од Иран.
Фракциите поврзани со Иран во изминатите години изградија значителна воена и политичка моќ во Ирак.
Ирачкиот безбедносен аналитичар Јасим ал-Бахадли оцени дека заминувањето на американските сили може да им отвори простор на овие групи за поголемо влијание врз одлуките поврзани со безбедноста и управувањето со државата.
Повлекувањето на американските војници го поздрави и Иран. Амир Хајат Мокадам, заменик-претседател на Комисијата за национална безбедност на иранскиот парламент, оваа недела изјави дека Техеран го поддржува заминувањето на американските сили од Ирак.
Вашингтон претходно ги обвинуваше групите поврзани со Иран во Ирак за напади поврзани со поширокиот регионален конфликт, вклучително и нападот врз голем нафтовод во Саудиска Арабија овој месец.
Багдад истовремено се обидува да го ограничи влијанието на овие групи, додека одржува блиски односи и со Вашингтон и со Техеран. Поради тоа, Ирак е особено изложен кога конфликтот меѓу двете држави се прелева на негова територија.
Американските сили го убија иранскиот генерал Касем Сулејмани во напад врз аеродромот во Багдад во 2020 година, по што сојузниците на Техеран во повеќе наврати изведоа напади врз американски бази, на кои Вашингтон одговори со воени удари.
Според извештаите, седум од 18 американски војници кои годинава загинаа во војната против Иран ги загубиле животите во Ирак. Последен меѓу нив бил американски воен наредник, кој во јули загинал при контролирана детонација на дрон во близина на Ербил.
Поддршката за повлекувањето на американските сили не е ограничена само на групите блиски до Иран.
Сепак, дел од Ирачаните стравуваат дека нивната земја сè уште не е подготвена да остане без разузнавачката, логистичката и воздушната поддршка што ја обезбедуваше меѓународната коалиција.
„Веруваме дека Ирак во овој момент сè уште не е целосно подготвен да го преземе безбедносното досие“, изјави за Ројтерс Абдулрахман ал-Зубаие, сунитски племенски лидер од Фалуџа.
Тој рече дека Ирачаните сакаат целосен суверенитет, но стравуваат дека по заминувањето на коалицијата може да настане безбедносен вакуум.
Функционери во Багдад, како и во полуаавтономниот регион Курдистан, предупредуваат дека Исламската држава (ИДИС) и понатаму има заспани ќелии, иако ја загуби територијалната контрола врз делови од Ирак.
Курдскиот командант Сирван Барзани рече дека во последните недели забележал зголемена активност на ќелиите на ИДИС и оцени дека веста за повлекувањето на американските сили ги охрабрила милитантите.
Ирачките безбедносни сили соопштија дека откриле осомничена ќелија на ИДИС која подготвувала самоубиствени напади што требало да се изведат во периодот на повлекувањето на американските сили.
Овој случај укажува на непосредниот безбедносен предизвик со кој ќе се соочат ирачките сили по завршувањето на американската мисија.
Американските трупи првпат го напуштија Ирак кон крајот на 2011 година, по инвазијата и повеќегодишниот бунт. Сепак, се вратија помалку од три години подоцна за да им помогнат на ирачките сили во борбата против ИДИС.
Со нивното ново заминување, Ирак повторно ќе мора самостојно да се справува со заканите од вооружени фракции и милитантни групи, без американско воено присуство на својата територија.
