Во Мјанмар на 8 ноември ќе се одржат општи избори за новиот дводомен Парламент и регионалните управи, на кои право на глас имаат над 30 милиони жители.
Во вжештената предизборна атмосфера опозицијата, што ја предводи нобеловката за мир Аунг Сан Су Ќи, изнесе низа воочени можни неправилности, што ги подготвува актуелната полувоена управа, но повеќе пати во денот симпатизерите се предупредуваат да не наседнуваат на оркестрирани провокации од страна на поддржувачите на власта.
Изборите на 8 ноември ќе се одржат под строг мониторинг на меѓународната заедница, со илјадници набљудувачи што ги номинираа Обединетите Нации, Европската унија и организации за подготовка и следење на изборите од Азија.
За сега е единствено неизвесно дали ќе има избори во провинцијата Рохингја, претежно населена со муслимани, во која што не престанаа вооружените судири на армијата со сепаратистичките движења.
Медиумите деновиве јавуваат дека околу два милиони државјани на Мјанмар кои работат во странство ќе гласаат на изборите, а се очекува за гласањето во земјата да дојдат 1,5 милион лица што работат во соседните држави. Најголем дел од нив работат на земјоделските и рибарски фарми во соседен Тајланд, но од околу 2 милиони мјанмарски емигранти со право на глас, работодавачите од Тајланд дале дозвола на околу половина милион од 5 до 9 ноември да не бидат на работа, односно им дозволиле да заминат и да гласаат.
Првите делумно слободни избори во Мјанмар се одржаа пред 5 години. Армијата, која претходно пет децении имаше апсолутна власт во државата, со обезбедено уставно право има една четвртина од местата во Парламентот, кои ги добива без избори. За да се смени ова правило, опозицијата треба да го промени Уставот, за што на претстојните избори треба да добие најмалку 76 отсто од гласовите, што според аналитичарите е тешко, но изводливо решение за иднината на Мјанмар.