УНЕСКО денеска соопшти дека усвоиле прв меѓународен документ за етика на вештачката интелигенција (ВИ) за регулирање на револуционерните технологии кои, и покрај многуте придобивки, носат и големи опасности за општеството.
„Технологиите на вештачката интелигенција можат да донесат големи придобивки за човештвото“ и „сите земји можат да имаат корист од нив“, но „во исто време ги покренуваат основните етички прашања“, се посочува во воведот во препораката од 28 страници, ратификувана од 193 земји-членки на УНЕСКО.
„Треба да се обезбеди транспарентност и разбирливост на работењето на алгоритмите и податоците од кои тие се изведени“, бидејќи тие можат да влијаат „на човековите права и основните слободи, родовата еднаквост и демократијата“, велат од меѓународната организација со седиште во Париз.
Препораката на УНЕСКО, резултат на работата кон која се пристапи во 2018 година, ги истакнува вредностите – „почитување, заштита и унапредување на човековите права“, „различност и инклузивност“, промоција на „мирно општество“ и животна средина – на кои Земјите-членки се обврзуваат.
Во неа се и задачите што мора да ги исполнат потписниците, особено законодавниот механизам за регулирање и надзор на вештачката интелигенција, за „гаранција за целосна безбедност на личните и чувствителни податоци“ и за едукација на граѓаните на таа тема.
Русија, Кина и Иран, земји кои редовно се мета на кршење на човековите права, се потписници на текстот, кој, како што признава УНЕСКО, е „стимулативна мерка“ без можност за санкции. САД и Израел, активни на полето на новите технологии, не се членки на УНЕСКО.