Македонија испрати лажен извештај во УНЕСКО: Државата сокри дека не е урнат хотелот во Лагадин

Од:

Во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот регион кој Министерството за култура го достави до УНЕСКО, никаде не се спомнува познатата дивоградба на охридското крајбрежје – хотелот на плажата во Лагадин, иако во една од препораките на последната мониторинг мисија од 2020 година на УНЕСКО која беше означена како итна, се вели дека треба да се забрзаат административните постапки за да се постигне уривање на недовршениот хотел.

Од Министерството за култура го оправдаа пропустот со одговор дека надлежните институции не им доставиле податоци за тековните активности околу хотелот во Лагадин.

„Во периодот на доставување на Извештајот немаше официјални податоци за активности околу хотелот во Лагадин, ниту надлежните институции го нотираа во своите дописи за напредокот во спроведување на препораките“, гласи одговорот за „А1он“ од министерството за култура.

Иако постапката за уривањето на хотелот трае веќе шест години, колку што помина од првата реактивна мисија на УНЕСКО во Охрид, овој одговор покажува колку институциите се неодговорни, безидејни и некооперативни во спроведувањето на некои од најважните препораки на УНЕСКО.

Хотелот во Лагадин ги скара Бочварски и Костадиновска-Стојчевска со Пецаков

Хотелот во Лагадин ги раскара министерството за култура и министерството за транспорт и врски од една страна и Општина Охрид од друга. Министерот Благој Бочварски одржа и тематска прес-конференција за да му понуди помош на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков за изнаоѓање на нов основ да се поништи одобрението за градење на хотелот во Лагадин.

Одобрението за градба е издадено во 2016 година, но во 2017 година е прогласено за ништовно. Инвеститорот се жали на ништовното одобрение, но истовремено и гради, па на брегот во Лагадин на петнаесетина метри од езерото никна дивоградба. Министерството во 2019 година ја одби жалбата на инвеститорот, па тој поведе спор пред Управен суд, кој пак, четири години подоцна, одлучи дека одобрението не може да биде поништено и препорача Општината да најде друг основ за ништовноста.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на последната прес-конференција рече дека Општината повеќе нема како да постапи за овој предмет, односно дека со последната мериторна одлука на второстепената Комисија и се одзема единствената можност на општина Охрид да ја спречи изградбата на хотелот. Пецаков не одговори на прашањата на „А1он“ кое е решението за повторно постапување по предметот со оглед на тоа дека двете министерства ја префрлија топката во неговиот двор.

Од Транспорт велат дека судот го задолжил министерството да постапи мериторно и со тоа дал можност Општината повторно да ја разгледа документацијата и доколку има друг основ да го огласи за ништовно одобрението за градење.

„ Во однос на прашањето за објектот во Лагадин, Министерството за транспорт и врски како второстепен орган согласно Законот за управна постапка одлучувше во постапката за ништовност по жалба на инвеститорот и решението во неколку наврати го враќаше на повторно одлучување во општината. По тужба на инвеститорот, Управниот суд донесе пресуда против решението на Министерството за транспорт и врски и општина Охрид и го задолжи Министерството за транспорт и врски да постапи мериторно но и дава можност на општина Охрид да ја прегледа повторно постапката за издавање на одобрение за градење и доколку има друг основ, да го огласи за ништовно одобрението за градење по друг основ. Во овој случај, општина Охрид има можност по било кој друг основ да ја разгледа постапката за издавање на одобрението за градење и прибавената документација. Исто така и комисијата за УНЕСКО дава препорака на општина Охрид да го преиспита одобрението за градење, во делот на целата. Министерството за транспорт и врски стои на располагање на секоја општина согласно законските надлежности што ги има да помогне во однос на спроведување на законските прописи во државата. “, истакнаа за „А1он“ од министерството за транспорт и врски.

Постојат и други основи за рушење на дивоградбите, институциите молчат

Дека постои можност да се поништи одбрението по друга основа се согласуваат и од неформалната граѓанска иницијатива Охрид СОС која детално следи како се имплементираат одлуките на институциите при спроведување на препораките на УНЕСКО.

„Нашата иницијатива уште во 2017 година до неколку надлежни инспекторати достави претставки, наведувајќи детално кои закони и одредби ги прекршува објектот во Лагадин. Тогаш, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на 23.02.2017 г. побара од Општина Охрид да го поништи издаденото решение за хотелот Лагадин. Но, тоа не се случи, туку решението се поништи по друг основ – неизвестување за почеток со градба. Тоа може да биде основа според која може да реагира Општина Охрид во поништувањето на решението за градба, како што од нив бараше Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Според нас, односно сите аргументи кои сме ги доставиле, тој објект на таа локација не смее да постои. Тоа е и во насока на стручните согледувања на Реактивната Мониторинг Мисија, составена од членови на Центарот за светско наследство, ИКОМОС и IUCN. Таквиот објект е во колизија и со Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, а дополнително би отворил опасен преседан кој, знаејќи ја природата на нашите институции и многу наши сонародници, би се злоупотребил во иднина“, потенцираат од Охрид СОС.

Професор д-р Трајче Талески, биолог и раководител на одделение во Хидробиолошкиот завод во Охрид смета дека институциите од незнаење ја донеле ситуацијата до ова ниво за кое постојано алармира УНЕСКО.

– Во однос на дивоградбите ништо не е направено, ништо не е срушено и она што е срушено, потоа е изградено со уште еден кат. Имаше доста градски целини за кои требаше да се носат посебни урбанистички планови, но ништо не се донесе. За хотелот во Лагадин на сопственикот му дадоа некаква дозвола да продолжи со градба, што е малку разочарувачки затоа што успеавме за нешто да се избориме како активисти. До ова дојдовме од незнаење во институциите да се поднесе соодветно барање. Во општината се фатија на ненавремено отпочнување на рокот на градба, а имаше други основи да се поништи градбата. Ако повторно го разгледаат случајот, прва одлука на која треба да се повикаат треба да биде како инвеститорот добил водостопанска дозвола без претходни испитувања на терен. Ваква дозвола според Закон за води не може да се добие за изградба на комерцијален објект врз основа на оддалеченост на брегова линија. Објектот е на 15 метри од брегот, а тие дозволи се издаваат само за градба на објекти кои се од посебна важност за езерото како што се пречистителни станици. Ако УНЕСКО не опомене и не спушти категорија наназад, се плашам дека Охрид ќе стане градилиште, ќе никнат Карпош 4, Карпош 5…. Езерото може да се спаси, ова го велам како биолог и покрај сите неповолности што му се прават врз животинскито и растителниот свет, но Охрид тешко да се спаси со дивоградбите “, истака за „А1он“, професор д-р Трајче Талески.

Министерката за култура во Унеско се фали со одлука од Општина Охрид која претходно бара да ја поништи

Дискомуникацијата помеѓу институциите продолжи и по испраќањето на Извештајот до УНЕСКО. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на една од своите прес-конференции информираше дека Националната комисија за УНЕСКО која ја предводи таа, препорачува Општина Охрид да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и плански документации и донесување нови планови, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Но, одлуката донесена од Советот на Општина Охрид која сега бара да се поништи, таа ја доставила како анекс на Извештајот до УНЕСКО како пример за напредок во исполнувањето на препораките.

„Во Одлуката покрај критикуваните исклучоци согласно Планот за управување има и член кој наведува дека општина Охрид не поведува постапки за легализација на бесправно изградени објекти во крајбрежниот појас и делот на Студенчишко блатошто е во насока на зачувување на наследството. Мораториумот треба да биде сфатен како запирање на урбанистичкиот хаос во зоните каде прекумерниот урбанизам негативно ќе влијае на исклучителната универзална вредност“, стои во образложението до „А1он“ од кабинетот на министерката Костадиновска Стојчевска.

Инвентарот на дивоградби од трите општини се уште се чека

Невладините организации и експертите упатија остри критики и до општините и до министерството за транспорт и врски кое по налог на Владата требаше да им наложи на трите општини Охрид, Струга и Дебрца да достават инвентар на дивоградби и да изработи програма за нивно отстранување. Критиките се однесуваа на пробиените рокови.

Од министерството за транспорт открија дека податоци за дивоградби се добиени само од Општина Дебрца и од Национален парк Галичица, додека Општина Охрид доставила делумни податоци. Струга нема доставено податоци со инвентар на бесправно изградени објекти.

Според Охрид СОС, Општина Охрид има формален документ со инвентар на дивоградби, Струга има само штура листа без никакви спецификации.

„Само Општина Охрид има инвентар на дивоградби (нелегални објекти од различен вид и обем), како формален документ. Во него се евидентирани околу 16.000 посебни случаи. На наше барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Општина Струга пред 3 години добивме некоја штура листа, без никакви спецификации. Сега, целосниот инвентар на дивоградби одбиваат да ни го достават. Таков документ, и покрај тоа што од нив побарале, не добиле ни во владата. Уште еден јасен пример за „соработката“ помеѓу институциите на различни нивоа. Општина Дебрца е рурална општина, па не знаеме дали се води инвентар на дивоградби, но статистичките податоци зборуваат дека тој број е многу мал. Освен неколку „акции“ пред медиумите, каде наводно се рушеа објекти, или се демонтираше бетонската база на излезот од Охрид (за потоа да се доградат и продолжат да функционираат), она што беше направено е чистење на неколку плажи од објекти и платформи. И тоа само во Охрид. Во извештајот на пример воопшто не е спомната Општина Струга, ниеден документ или одлука, никаква соработка или пак желба за тоа. Струшкиот дел од крајбрежјето и од регионот како да припаѓа на друга држава, како таму да не важат законите, нема инспекции, не е доставена целосна листа на дивоградби, не беа урнати објектите на плажите, интензивно се гради на првата линија до брегот, постојат и нови дивоградби. Градоначалникот на Струга жртвува само една платформа. Но, отстранувањето не беше темелно, па некои платформи останаа, во намалена форма, останаа и бетонски ѕидови во езерото, арматури, цели објекти на плажите“, велат за „А1он“ од Охрид СОС.

Националната комисија за УНЕСКО нема слух за предлозите на активистите од Охрид

Доказ за немањето слух кај институциите во борбата да се заштити животната средина во Охридскиот регион е приоритетната листа на активности која на активистите од Охрид СОС им ја побарала претседателката на Националната комисија за УНЕСКО и министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Листата на барања била составена за две недели и доставена лично на министерката.

„За жал, до денес, и покрај дополнителната порака која ја упативме на Националната комисија за УНЕСКО и министерката, не добивме никаков follow-up за тоа што е преземено, по однос на тие барања кои ги доставивме. Институциите немаат слух за она што се предлага, често само дел од сите тие коментари и забелешки се прифаќаат, најчесто несуштинските, градоначалниците на Струга (особено) и Охрид нè сметаат како непријателски елемент, односно сите критики кон функцијата и локалната самоуправа ги сфаќаат лично. Од друга страна пак, на институциите им се наоѓаме добро кога е потребно некој важен УНЕСКО документ да биде унапреден, како што беше случајот при изработката на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион и Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, коментираат оттаму.

Со овој текст А1.он се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Зошто се тактизира со извештајот за избор на универзален снабдувач?

Орце Костов

Пад на Македонија во извештајот на Фридом хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата со корупција